Желбата на Јуве е да се добиваат натпреварите на зелениот терен, но и да се стане најпознатиот клуб на светот, во категоријата каде што заостанува зад Реал, Барселона, Манчестер јунајтед, кои глобално се далеку попопуларни

Со вечерашните осум меча во групите Е, Ф, Г и Х ќе биде комплетирана првата рунда во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. Меѓу многуте интересни натпревари посебно внимание привлекува дуелот Валенсија – Јувентус, пред сѐ, поради дебито на Кристијано Роналдо во дресот на Старата Дама, во натпреварувањето во кое тој во дресот на Реал четири пати (трипати едноподруго) во последните пет години го креваше победничкиот пехар.

Прашањето што многумина си го поставуваат е дали Реал без Роналдо ќе може да ја продолжи победничката низа, односно дали Јувентус со Роналдо ќе ја прекине серијата од рекордни седум порази во финалињата на ЛШ и ќе сврти нов лист во богата клупска историја.

Без Роналдо, но и без тренерот Зинедин Зидан, шансите на Реал за одбрана на титулата паднаа на 19,4 отсто што е помалку од 30 отсто на почетокот од ланската сезона во ЛШ. Што се однесува до тоа кој ќе биде новиот првак, процените се дека за разлика од лани кога во најтесниот круг беа три тима Реал, Барселона и Баерн сега кругот на фаворити е многу поголем, пред сите, се споменува токму Јувентус предводен од Роналдо, најдобриот стрелец во ЛШ во минатите шест сезони и рекордерот со вкупно 121 гол (70 во последните пет сезони) настапувајќи за Манчестер јунајтед и за Реал.

Јуве последниве години е без конкуренција во Серија А, но седумте титули првак на Италија во низа не ги задоволуваат апетите на богатите газди, семејството Ањели. Желбата е да се биде најдобар во Европа, не само поради спортскиот престиж, туку и поради финансиските импликации што ги носи таа титула.

Роналдо и Јувентус во тандем би требало да биде добитната комбинација за покорување на Европа, потоа и на светот. Желбата на Јуве е да се добиваат натпреварите на зелениот терен, но и да се стане најпознатиот клуб на светот. Во таа категорија засега Јуве заостанува зад Реал, Барселона, Манчестер јунајтед, кои глобално се далеку попопуларни, оттаму и заработуваат многу повеќе пари од конкурентите. На крајот од сезоната 2016/2017, Баерн, Манчестер јунајтед, Барселона и Реал заработиле 344, 320, 288, односно 280 милиони евра, што е повеќе од двојно од 120-те милиони на Јувентус. Повеќе од четвртината спонзори на Јуве се од Италија, за разлика од ривалите на кои главните спонзори им се мултинационални компании.

За да се надмине тој јаз, јасно, треба да помогне Роналдо, кој сам по себе е глобален спортски, но и комерцијален бренд. Каде што оди тој, одат и симпатизерите. Веднаш по објавувањето на веста дека ќе се пресели во Јувентус, порасна и популарноста на Старата Дама на социјалните мрежи (на Твитер од 15 на 25 отсто). Роналдо на Инстаграм го следат 141 милион луѓе (повеќе од него има само американската поп-пејачка Селена Гомез), а на Фејсбук 123 милиони. За споредба, Јувентус на Инстаграм го следеа само 15,6 милиони луѓе, бројка што значително се зголеми со ангажирањето на Роналдо.