Фото: Дарко Андоновски

Македонија, која досега забележа девет победи во квалификациски мечеви, со триумф вечерва кај Лихтенштајн ќе се најде на чекор до пласман на турнирот на четирите најдобри селекции во лига Д на Лигата на нациите, од каде што патот води до ЕП 2020

Фудбалската репрезентација на Македонија ќе атакува на победа против Лихтенштајн, вечерва, во Вадуц (20.45 часот), со која речиси ќе го обезбеди првото место во групата 4, лига Д, во Лигата на нациите (ЛН). Македонија по четирите кола има девет бода и е фаворит во овој меч, тоа не го кријат ниту селекторот Игор Ангеловски ниту неговите избраници, кои минатите неколку дена се подготвуваа во Швајцарија, од каде што вчера заминаа за Вадуц.

– Лихтенштајн е противник со кој веќе одигравме неколку натпревари, лани и годинава, и добро се познаваме. Очекувам да влеземе максимално сериозно и концентрирано на оваа средба и да ја добиеме. Фаворити сме, ќе играме офанзивно, како и секогаш, и се надевам дека ќе ја оправдаме таа улога. Сите работи во групата зависат само од нас, имаме три бода предност пред последните два меча и не смееме да ја испуштиме оваа шанса – вели Ангеловски.

Македонската репрезентација се наоѓа пред 10-та победа на гости во официјален натпревар, пред денешното гостување во Вадуц. Токму таа јубилејна гостинска победа може да биде и најзначајна, оти со неа македонската репрезентација ќе се најде на чекор од пласманот на фајналфорот, од каде што победникот ќе обезбеди место на Европското првенство во 2020 година.

Досега црвено-жолтите во квалификациите за светските и за европските првенства, како и во новото натпреварување лигата на нациите, забележа девет победи на гости. Македонија првата официјална победа на гости ја забележа токму против Лихтенштајн, во ноември 1996 година, со 11-1, кога селектор беше Ѓоко Хаџиевски. Потоа победени беа Малта (2-1 во 1998 година, Хаџиевски), Ерменија (2-1, во 2005-та, Слободан Сантрач), Естонија (1-0, во 2006-та, Среќко Катанец), Андора (3-0, во 2006-та, Катанец), Андора (2-0, во 2010-та, Мирсад Јонуз), Лихтенштајн (3-0, 2017-та, Игор Ангеловски), Израел (1-0, во 2017-та, Ангеловски) и Гибралтар (2-0, во 2018 година, Ангеловски).

На вечерашниот меч на страната на Македонија, покрај подобриот квалитет, тимски и индивидуален, е и статистиката, која кажува дека на досегашните осум меѓусебни натпревари Македонија не е поразена, забележала седум победи, со едно реми и вкупна гол-разлика 31-5. Трите последни меча Македонија ги доби со 4-0, 4-1 и 3-0, но тоа не смее да залажува, односно Македонија треба да одигра максимално ангажирано и да не дозволи да биде изненадена и нокаутирана како минатиот месец во Ереван, каде што загуби од Ерменија со 0-4.

Она што е извесно е дека селекторот Ангеловски за овој натпревар не ќе може да смета на двајца стандардни играчи, на Езџан Алиоски и на Елиф Елмас, поради два жолти картона. На голот, како што најави Ангеловски кога го соопшти списокот, повторно ќе биде Столе Димитриевски. За очекување е во одбраната да бидат Мите Цикарски, Висар Муслиу, Кире Ристески и Егзон Бејтулаи, во средниот ред би биле Енис Барди, Бобан Николов и Стефан Спировски и во нападот, капитенот Горан Пандев, Илија Несторовски и Александар Трајковски.