Иако до вчера резултатот беше 2-2 се чини дека како што ќе одминува мечот за светската шаховска титула помеѓу Карлсен и Каруана, така и тензијата
ќе станува сѐ поголема

Шахистите што играат меч за титулата светски првак секогаш се добро подготвени и тоа го прават подолг период, бидејќи знаат што ги очекува. Тие во таков меч обично се колебаат дали први да преземат голем ризик, од едноставна причина што заостанувањето во ваков дуел, каков што е овој од 12 партии, е многу опасно. Очигледно истово се случува и сега во Лондон во мечот за светската круна помеѓу Норвежанецот Магнус Карлсен (2.835 рејтинг-поени) и Американецот Фабијано Каруана (2.832), односно моментно првиот и вториот на светска рејтинг-листа, што доволно говори за нивната рамноправност.

Иако до вчера резултатот беше 2-2 (четири ремија, синоќа се играше петтата партија), се чини дека како што мечот ќе одминува, така и тензијата ќе станува сѐ поголема. Карлсен би требало засега да биде во предност, од едноставна причина што има поголемо искуство во вакви мечеви (ова му е четврти во низа), но и при евентуалниот тајбрејк, оти е поумешен во партиите со пократко темпо на размислување (Карлсен е актуелен светски првак во блиц-шах), за разлика од Каруана.

Пред две години во мечот за светската титула играа Карлсен и Русинот Сергеј Карјакин, а сега можат да се видат многу сличности. И тогаш се играше мирољубиво, сѐ до осмата партија, кога Карлсен очигледно ја изгуби трпеливоста и прв презеде поризичен чекор на таблата, што на крајот го чинеше пораз. Сепак, успеа да се врати во 10-та партија и да израмни пред подоцнежниот тајбрејк. Дали Карлсен научил нешто од тој меч, ќе видиме во партиите што следуваат.

Секако, не треба да се исклучи ниту она што се случуваше со објавениот видеоматеријал од две минути што се појави на Јутјуб, од кампот во САД, во кој Каруана се подготвувал за овој меч. Тој содржел различни активности врзани со шахот, како и лаптоп со отворена датотека на партии. Дали е ова само големата грешка или вешта измама? Дали во мечот во Лондон се вклучува и специјалната тактика, која може некого од главните актери да извади од колосек?

Во Лондон засега најголемото возбудување имаше во првата партија, која по 115 потези заврши со поделба на поенот. Во првите две партии црните беа тие што имаа пешак повеќе, но, сепак, се покажаа како недоволни за цел поен. Сличности имаше и во отворањето. Карлсен двапати се бранеше како црн со сицилијанска одбрана, а еднаш почна со англиска партија и одбиен дамин гамбит. Сега Каруана е на потег.