Во следните седум дена ќе бидат познати сите 10 директни учесници на СП 2022 од Европа и 12-те селекции што ќе играат во баражот за уште три места на Мундијалот в година во Катар. Од десетте групи, во групата Д, четири од петте селекции имаат шанси за првите две места

Две од 13-те места на Европа на Светското првенство (СП) во фудбал в година во Катар се резервирани (Данска и Германија), а уште осум селекции ќе ги потврдат своите места до 16 ноември, кога треба да се комплетира групната фаза од квалификациите за Мундијалот в година. Има и 12 места за баражот, во кој ќе учествуваат десетте второпласирани во групите и две селекции највисоко рангирани меѓу победниците на групите на Лигата на нациите, кои нема да се пласираат на првите две места во групите од квалификациите. Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница најавува некои од клучните мечеви во следните седум дена.
Италија не се пласира на СП 2018, првпат од 1958 година. Многу работи се случија од тогаш, како освојувањето на ЕП 2020 и светскиот рекорд за мечеви во низа без пораз, а избраниците на селекторот Роберто Манчини имаат клучен меч за пласман на СП 2022 со Швајцарија, која загуби само еден од претходните 36 натпревари во квалификациите за СП, пишува УЕФА. Двете репрезентации имаат по 14 бода. Средбата е в петок во Рим, во трката за првото место во групата (в понеделник Италија игра уште и со Северна Ирска на гости, а Швајцарија дома со Бугарија). Дерби-дуел за првото место е и Португалија – Србија (Србија има еден бод и еден меч повеќе), Шпанија во последното коло в недела игра дома со водечката Шведска, која има два бода повеќе, Холандија ѝ е домаќин на Норвешка, која заостанува два бода… Веројатно најблиску до пласман во првите мечеви неделава е Белгија (со победа, а може да биде доволен и еден бод)… Шкотска не играла на СП од 1998 година, а сега е блиску до второто место и пласман во баражот, четири од петте селекции во групата Д имаат шанси за првите две места, а победникот на Лигата на нациите, Франција, може да го обезбеди првото место со победа в сабота…