Англиските премиерлигашки клубови на годишната генерална средба гласаа против пет замени на фудбалерите по натпревар во следната сезона, објави „Ројтерс“. На клубовите им беше дозволено да го зголемат бројот на замени од три на пет во продолжението од прекината 2019/2020 сезона во јуни, по тримесечниот прекин поради избувнување на коронавирусот. Покрај тоа, тимовите ќе се вратат и на седумте резервни играчи на клупата, се наведува во соопштението на Лигата.

Премиер-лигата објави и дека клубовите едногласно се согласиле и за промени во примената на видеосудијата или ВАР, од кои најверојатно најзначајна ќе биде поголемата употреба на мониторите на стадионите од судијата што е на теренот. Според сегашниот ВАР-систем во Англија, сите видеопрегледи се правеа во ВАР-центарот во Стокли парк.

Минатата сезона ВАР имаше многу контроверзни одлуки, меѓу кои цел на најостри критики беа поништените голови затоа што играчите биле во
милиметарски офсајд-ситуации. Постојат разлики во користењето на ВАР во различни земји, па затоа ФИФА сака да воведе унифициран пристап во сите земји и натпреварувања, со примена на правилата на играта на ист начин низ целиот свет.