Во 140-то финале на најстарото фудбалско натпреварување на светот, Лестер го совлада Челси со 1-0

ФУДБАЛ, ФА-КУП

Лестер е победник во англискиот ФА-куп, за првпат во клупската историја, во петтото финале, во кое го победи Челси, со 1-0, со голот на Јури Тилеманс во 63 минута, со удар од триесетина метри, единствен за Лестер на мечот. Тилеманс стана третиот белгиски играч што постигнал гол во финалето, со тоа што сите тројца го подигнаа победничкиот трофеј (Еден Азар во 2018 и Кевин де Брујне во 2019 година). Данецот Каспер Шмајхел, пак, е првиот голман капитен на победнички тим, по Дејвид Симан со Арсенал во 2003 година.
Ова беше 45-то финале што заврши со 1-0, најмалку 20 пати повеќе од кој било друг резултат. Мечот на „Вембли“ се одигра пред 21.000 навивачи, што е најголема бројка на трибините на стадионите во Англија по ескалацијата на пандемијата на коронавирусот во март лани.

Лестер стана 44-от тим победник во 140-то финале на најстарото фудбалско натпреварување на светот, кое првпат се играше во сезоната 1871/1872. За Челси, кој осум пати го освојувал ФА-купот, ова беше четврто финале во последните пет години (победи само во 2018 година). „Сините“ од Лондон станаа првиот тим што две години во низа губи во финалето, по Њукасл во 1998 и 1999 година. Менаџерот на Лестер, Брендан Роџерс, е првиот менаџер што ги освоил англискиот и шкотскиот ФА-куп, со Лестер и со Селтик, по Алекс Фергусон, со Манчестер јунајтед и со Абердин.
– Неверојатно е чувството, особено како британски тренер. Пораснав гледајќи го ова цел живот и да се биде тука како победник во ФА-купот е нешто посебно. Многу добро се подготвивме за овој меч. Фудбалерите во текот на сезоната покажаа дека имаат квалитет, дека можат да се борат и дека сакаат да победат. Игравме против финалист во Лигата на шампионите, против кој, според квалитетот, бевме на негово ниво. Мислам дека тактички бевме брилијантни – изјави Роџерс за „Би-би-си“.
Фудбалерот на Челси, Французинот Оливие Жиру го играше шестото финале во ФА-купот. Од Втората светска војна наваму, само Ешли Кол (8), Рајан Гигс (7) и Рој Кин (7) играле во повеќе финалиња.