СПОРЕДБА НА 36-ТЕ МЕЧА ВО ГРУПНИТЕ ФАЗИ НА ЕП 2020 И ЕП 2016

ВАР добро функционира, но првичните принципи на ВАР, минимална интервенција за максимална корист, никогаш не смеат да се заборават, вели Роберто Росети, шефот на судиите при УЕФА

Шефот на судиите при Европската фудбалска унија (УЕФА), Италијанецот Роберто Росети, вели дека тоа што има двојно повеќе досудени пенали на Европското првенство (ЕП) 2020 во споредба со претходното континентално првенство играно во 2016 година, покажува оти добро функционира системот видеоасистент-судија (ВАР).

Но Росети предупредува и оти структурата на фудбалот би се довела во опасност доколку судиите почнат да ги казнуваат и помалите прекршоци. На 36-те натпревари во групната фаза на тековното ЕП беа досудени 14 удари од белата точка, двојно повеќе од истата фаза на ЕП 2016. Росети смета дека пеналите се исправно досудени и додава дека првичните принципи на ВАР, минимална интервенција за максимална корист, никогаш не смеат да се заборават.
– Знаеме дека ова е важен проект и невозможно е враќање назад. Пред проектот ВАР имаше многу, многу прекршоци во казнениот простор што судиите не ги гледаа. Сега е невозможно да ги пропуштите прекршоците. Многу добро ги знаеме добрите страни, но и лимитираноста на проектот. ВАР е Формула 1 проект и за него ни се потребни врвни стручни пилоти. Треба да најдеме точна рамнотежа во линијата на интервенција, бидејќи нашата цел е да го задржиме фудбалот каков што е. Не е прифатливо да се проучуваат сите ситни туркања или влечења, или ситните маргинални контакти. Правилата на играта се јасни. Сакаме минимално мешање за максимална корист и сакаме да интервенираме (само) при јасни и очигледни грешки – вели Росети, додавајќи „не сакаме меки пенали“.

Росети вели дека имало 12 корекции од ВАР, седум од нив директни и пет преку повторна проверка. УЕФА на својата интернет-страница наведува и податок дека на ова ЕП има за повеќе од две минути повеќе време ефективна игра во однос на ЕП 2016 (58,51 минути игра наспроти 56,30 минути).

Росети потврдува и дека правилото за играње со рака било добро спроведувано на турнирот, наведувајќи оти биле досудувани прекршоци само кога телото на играчот било неприродно поголемо. Росети ги пофали односот и однесувањето на фудбалерите, со 105-те помалку прекршоци во групната фаза на ова ЕП во споредба со минатото (806-911). Имаше и 31 жолт картон помалку (98-129), со ист број црвени картони, по два.