Тој стана најмладиот главен тренер во историјата на Бундес-лигата, на 28 години, кога го презеде Хофенхајм во февруари 2016 година. Откако се пресели во Лајпциг во 2019-та, го освои третото место во Бундес-лигата и стигна до полуфиналето во ЛШ, во првата сезона

ФУДБАЛ

Јулијан Нагелсман, тренерот на Лајпциг, на крајот од сезонава ќе му се приклучи на актуелниот светски, европски и германски фудбалски првак Баерн, со кој потпиша петгодишен договор, објави клубот од Минхен.
Нагелсман (33) е еден од најценетите млади тренери во Европа. Тој лани го предводеше Лајпциг до полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ). Нагелсман стана најмладиот главен тренер во историјата на Бундес-лигата, на 28 години, кога го презеде Хофенхајм во февруари 2016 година. Откако се пресели во Лајпциг во 2019 година, го освои третото место во Бундес-лигата и стигна до полуфиналето во ЛШ, во првата сезона.
– Петгодишниот договор на Јулијан покажува колку тој се идентификува со Баерн. Убеден сум дека заедно успешно ќе ја обликуваме иднината на клубот – изјави членот на управата на Баерн, Оливер Кан, поранешен познат голман.
Флик (56), кој седна на тренерската клупа на Баерн во ноември 2019 година и реши да замине по завршувањето на сезонава, лани освои рекордни шест трофеи, во Бундес-лигата, ЛШ, Купот на Германија, клупското Светско првенство, Суперкупот на Германија и Суперкупот на УЕФА.