Меси сезонава постигна 36 гола на 34 меча за Барселона и ја освои рекордната шеста
„златна копачка“, на возраст од 31 година, 11 месеци и два дена

Трета година по ред, вкупно шести пат во кариерата, Лионел Меси е освојувачот на „златната копачка“ што ја добива најдобриот стрелец во европските фудбалски првенства. Меси сезонава постигна 36 гола (за што освои 72 поени) на 29 натпревари како стартер за Барселона, во шпанската Ла лига или во просек по еден гол секои 75 минути.

Килијан Мбапе од ПСЖ постигна 33 (66 поени), а Фабио Кваљарела, напаѓачот на италијанската Сампдорија, 10 помалку од Меси (26 или 52 поени). Четирикратниот освојувач на „златната копачка“, Кристијано Роналдо, сезонава постигна 21 гол за Јувентус, што е најлош голгетерски ефект за него по сезоната 2008/09 во дресот на Манчестер јунајтед. Меси сезонава постигна вкупно 51 гол и шести пат во кариерата ја помина барирата од 50 гола во една сезона.

Покрај Меси и Роналдо има уште неколкумина фудбалери што по двапати ја освојувале „златната копачка“, која се доделува од сезоната 1967/68. Тоа се Еузебио, Герд Милер, Дуду Ѓорѓеску, Фернандо Гомеш, Али Мекојст, Марио Жардел, Тиери Анри, Диего Форлан и Луис Суарез.

Последниве 12 години сите освојувачи на „златната копачка“ се фудбалери од Ла лига, дури и во сезоната 2013/2014, кога наградата ја поделија Португалецот Кристијано Роналдо од Реал Мадрид и Уругваецот Луис Суарез од Ливерпул, со по 31 погодок. Меси е веројатно најстариот фудбалер што го освоил ова признание, на 31 година, 11 месеци и два дена.

Според статистиката на Ла лига, Меси е најдобар фудбалер во шпанското првенство во седум од осум главни категории. Покрај ефикасноста (36 гола), Меси е прв и според бројот на асистенции (13), создавањето големи шанси за гол (13), шутеви кон голот (87), голови од слободен удар (шест), решавачки додавања (93) и додавања во последната третина од теренот (846). Подобар од него во успешни дриблинзи (144) е само Мароканецот Софијан Боуфал, член на Селта. 


„Златните копачки“ на Меси
СЕЗОНА ГОЛОВИ
2009/2010 34
2011/2012 50
2012/2013 46
2016/2017 37
2017/2018 34
2018/2019 36


НАЈМНОГУ „ЗЛАТНИ КОПАЧКИ“
Лионел Меси 6
Кристијано Роналдо 4
Еузебио 2
Герд Милер 2
Дуду Ѓорѓеску 2
Фернандо Гомеш 2
Али Мекоист 2
Марио Жардел 2
Тиери Анри 2
Диего Форлан 2
Луис Суарез 2