ПСЖ, единствениот тим што сезонава не примил гол и кој веќе е осминафиналист, му гостува на Реал, на кој му треба победа за вечерва сигурно да се пласира меѓу 16-те најдобри во ЛШ. Мурињо, пак, веќе на првиот европски меч со Тотенхем може да се пласира во нокаут-фазата

На две кола до крајот на натпреварите по групи сезонава во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), Јувентус, Баерн и ПСЖ веќе обезбедија пласман во осминафиналето, а по вечерашните и по утрешните 16 меча во осумте групи, на едно коло до крајот на групната фаза ќе бидат познати уште неколку екипи што ќе можат да размислуваат за можните ривали во февруари 2020-та.

Во групата А, Реал Мадрид со победа над ПСЖ (и реванш за убедливиот пораз во Париз, 0-3, во септември) ќе се пласира меѓу 16-те најдобри, но и со реми, ако Бриж не триумфира на гости кај Галатасарај. Победа на Реал ќе значи и дека поранешниот голман на „кралевите“, сега на ПСЖ, Костариканецот Кејлор Навас, првпат ќе ја вади топката од мрежата на мечевите во ЛШ сезонава (неговите соиграчи во меѓувреме постигнаа 10 гола).

Слична е ситуацијата во групата Б, во која Тотенхем ќе му се придружи на Баерн во следната фаза со победа над Олимпијакос дома, па и со реми, ако Црвена звезда не го совлада Баерн. Баерн е најефикасниот тим по четирите кола, со 15 гола (Роберт Левандовски постигна шест).

За Жозе Мурињо, победата, втора по саботната над Вест Хем (3-2) во Премиер-лигата, и пласманот во осминафиналето во ЛШ би биле фантастичен менаџерски почеток на клупата на Тотенхем. На Олимпијакос му се даваат минимални шанси за избегнување пораз и поради статистиката, која вели дека загубил 10 и ремизирал на два од последните 12 меча во ЛШ.

Во групата Ц, Манчестер сити со победа (па и со реми) против Шахтар оди во следната фаза. Шанси за освојување на второто место има Шахтар (со победа над Сити и пораз на Динамо), но и Динамо (првпат) и Аталанта (има само еден бод) доколку резултатите од вечерашните дуели, како и оние од 6-то коло им одат во прилог.
Јувентус е веќе во нокаут-фазата од групата Д. Атлетико со победа во Торино, или со реми, но и реми на мечот Локомотив – Баер оди понатаму.
Третото место во секоја група носи продолжување на европската сезона во нокаут-фазата на Лига Европа.