Левандовски 40-те гола ги даде на 28, а Милер на 34 натпревари, кога го постави рекордот во сезоната 1971/1972

ФУДБАЛ

Полјакот Роберт Левандовски го израмни рекордот на Герд Милер, стар 49 години, за најмногу постигнати голови во Бундес-лигата во една сезона (40), на мечот Фрајбург – Баерн (2-2). Левандовски 40-те гола ги даде на 28 натпревари, во просек на секои 58 минути, а Милер на секои 77 минути, кога го постави рекордот во сезоната 1971/1972. Левандовски постигна гол и повеќе на 18 од последните 19 натпревари во Бундес-лигата, освен на мечот против Херта, на 5 февруари. Тој е првиот играч што постигнал 40 гола во сезона во една од петте најдобри европски лиги, по Уругваецот Луис Суарез за Барселона во 2015/2016.
– Чувството е неверојатно. Досега можеби не сфаќав што точно се случува, бидејќи ова е легендарен рекорд. Тоа што го направи Герд Милер е фантастично. Споделувањето на рекордот со него ме прави многу, многу горд. Ќе се обидам да го подобрам рекордот на следниот натпревар – изјави Левандовски за интернет-страницата на Бундес-лигата.
Левандовски може да го подобри рекордот на Милер во последното коло на домашен терен, во кое Баерн се среќава со Аугсбург, в сабота, на 22 мај. На досегашните 16 натпревари против Аугсбург, Левандовски има дадено 20 гола, што значи дека постои реална шанса за нов рекорд. Левандовски четврта сезона по ред, а вкупно шеста, ќе биде прв стрелец во Бундес-лигата. Тој е втор, зад Милер, на вечната листа на најдобри стрелци, со 276 погодоци на 349 меча.
Баерн веќе ја освои деветта шампионска титула на Германија во низа. Баварците постигнаа барем по еден гол на сите гостувања во Бундес-лигата сезонава, поставувајќи нов рекорд во лигата, односно постигнаа погодок и повеќе на 34 натпревари на гости во низа.

Герд Милер беше најдобар стрелец во Бундес-лигата седум пати во кариерата во дресот на Баерн, која траеше од 1964 до 1979 година. Милер (75) сега се наоѓа во дом за стари лица во јужниот дел на Минхен, во делот за пациенти со тешка деменција и не бил свесен дека неговиот рекорд е во опасност, за разлика од неговата сопруга Уши Милер.
– Со недели се зборуваше само за тоа. Сигурна сум, 100 отсто, дека Герд ќе беше првиот што ќе му честиташе на Роберт и ќе му речеше: „Браво, момче, добро направено“ – изјави Уши Милер за списанието „Спорт билд“.
Милер поради головите, 68 на 62 меча за Западна Германија, го доби прекарот Бомбардер. Неговите голови ѝ помогнаа на Западна Германија да победи на Светското првенство (СП) во 1974 година и на Европското првенство (ЕП) две години порано. Тој даде два гола во финалето на ЕП во 1972 година, во победата над Советскиот Сојуз (3- 0), а потоа, две години подоцна, во финалето на СП ја завери победата над Холандија, предводена од Јохан Кројф (2-1).
Со Баерн, Милер беше трикратен победник во Купот на европските шампиони (КЕШ), во 1974, 1975 и 1976 година. Многумина сметаа дека неговите 40 гола во сезоната 1971/1972 нема никогаш да бидат израмнети, сѐ досега.
– Левандовски е првиот играч со огромен квалитет и со алчност за давање голови што ја познавав само кај Герд во последните пет децении. Тој никогаш не беше задоволен и сакаше да постигнe и по 10 гола на секој меч – изјави Паул Брајтнер, поранешен соиграч на Милер од славните денови.