Натпреварувањето сезонава ќе има најголем број поранешни шампиони откако се игра Премиер-лигата (од 1992 година) и исто колку што играа пред 51 година, во сезоната 1969/1970. Титулата ја брани Ливерпул, а првиот меч му е денеска, дома, со Лидс на македонскиот репрезентативец Алиоски

ФУДБАЛ – ПОЧНУВА НОВАТА СЕЗОНА ВО ПРЕМИЕР-ЛИГАТА

На Ливерпул му беа потребни 30 години да ја освои 19-та титула во англиското фудбалско првенство, а сега му претстои тежок осуммесечен тест за да види дали може да ја одбрани. Новата сезона на Премиер-лигата почнува денеска, а Македонија ќе има свој претставник во репрезентативецот Езгјан Алиоски, член на Лидс.
Натпреварувањето сезонава ќе има најголем број поранешни шампиони откако се игра Премиер-лигата (од 1992 година) и исто колку што играа пред 51 година, во сезоната 1969/1970, пишува „Ројтерс“. Тоа се Манчестер јунајтед (20 титули), Ливерпул (19), Арсенал (13), Евертон (9), Астон вила (7), Манчестер сити (6), Челси (6), Њукасл (4), Вулверхемптон (3), Лидс (3), Тотенхем (2), Барнли (2), Шефилд јунајтед (1), ВБА (1) и Лестер (1). Во Премиер-лигата сезонава се и Саутемптон (еднаш вицешампион на Англија), Фулам, Вест хем, Кристал палас и Брајтон.

Премиерлигашите, според податоците на британскиот дневен весник „Гардијан“, досега во летниот преоден рок потрошиле околу 970 милиони евра, најмногу од петте најсилни првенства во Европа (Англија, Германија, Шпанија, Франција и Италија).
Ливерпул досега го ангажираа само Костас Цимикас за да му обезбеди конкуренција на Енди Робертсон на позицијата лев бек, вицешампионот Манчестер сити ги доведе централниот бек Натан Аке и крилото Феран Торес, како замена за заминатиот Лерој Сане, Челси, четврти минатата сезона, ги ангажира крилниот напаѓач Хаким Зијеч, напаѓачите Тимо Вернер и Каи Хаверц, левиот бек Бен Чилвел, централните бекови Маланг Сар и Тиаго Силва, Манчестер јунајтед, трет во минатата сезона, го ангажира играчот за врска Дони ван де Бек и продолжува да го брка крилото на Англија, Џејдон Санчо, пишува „Би-би-си“. Летниот преоден рок трае до 5 октомври.


ПРЕМИЕР-ЛИГА, 1. КОЛО
ДЕНЕСКА
Фулам – Арсенал 13.30 ч.
Кристал П. – Саутемптон 16 ч.
Ливерпул – Лидс 18.30 ч.
Вест хем – Њукасл 21 ч.
УТРЕ
ВБА – Лестер 15 ч.
Тотенхем – Евертон 17.30 ч.
ПОНЕДЕЛНИК
Шефилд – Вулверхемптон 19 ч.
Брајтон – Челси 21.15 ч.
ОДЛОЖЕНИ МЕЧЕВИ
Барнли – Манчестер јунајтед
Манчестер сити – Астон Вила