Фото: Серхио Агуеро/Твитер

Барселона ги објави резултатите од тестовите кои му беа направени на Серхио Агуеро.  Аргентинецот тешко дишеше во синоќешниот меч од шпанското првенство против Алавес (1-1), поради што го напушти теренот во 41. минута. Агуеро ноќта ја мина во болница.

Резултатите од денешните прегледи покажале дека Агуеро има срцева аритмија. Клубот соопшти дека Агуеро се чувствува добро и дека ја разбира ситуацијата во која се наоѓа. Искусниот напаѓач ќе отсуствува од тимот во наредниот период.

Аргентинецот, во летниот преоден рок, како слободен играч се пресели во Барселона, откако по десет години го напушти Манчестер сити. Тој дебитираше за Барселона пред две недели, по проблемите со повреда на мускулот.