Промената на правилото за бројот на измени на еден меч ќе се однесува на натпреварувањата што треба да завршат до 31 декември годинава, иако ФИФА и ИФАБ ја оставија отворена можноста тој период да биде продолжен. Исто така, постои опција да не се користи системот видеоасистент-судија (ВАР) за безбедноста на судиите, кои работат заедно во мала просторија за време на натпреварите

ФУДБАЛ – ИЗМЕНИ НА ПРАВИЛАТА

Фудбалските тимови ќе можат да направат по пет замени на играчи кога ќе продолжат натпреварите по пандемијата на коронавирусот, објави Одборот на Меѓународната фудбалска асоцијација (ИФАБ) додавајќи оти се согласил со предлогот од Светската фудбалска федерација (ФИФА) за привремена промена на правилата „за заштита на здравјето на играчите“, објави агенцијата АФП.
Исто така, постои опција да не се користи системот видеоасистент-судија (ВАР) поради безбедноста на судиите, кои работат заедно во мала просторија за време на мечевите.

Промената ќе се однесува на натпреварувањата што треба да завршат до 31 декември годинава, иако ФИФА и ИФАБ ја оставија отворена можноста тој период да биде продолжен. Екипите ќе можат да направат по пет замени, но за да се избегнат прекини и нарушувања на играта, секој тим ќе има по три можности да го направи тоа, како и помеѓу двете полувремиња или пред продолжението. Доколку во соодветното натпреварување е дозволена уште една замена во продолжението, екипите ќе имаат можност за замена плус. Досега на натпреварите во врвните лиги беа дозволени по три замени.

ИФАБ соопшти дека промената во правилото е направена „бидејќи натпреварите може да се играат во краток временски период, во различни временски услови, и може да имаат влијание врз здравјето на играчите“. Се додава и дека „одлуката дали ќе се примени овој привремен амандман останува дискрециско право на секој индивидуален организатор на натпреварување“. ИФАБ, заедно со ФИФА, „ќе утврди во подоцнежна фаза дали овој привремен амандман треба да продолжи понатаму“.