Европскиот првак Ливерпул, вечерва (21 часот), го пречекува Атлетико во обид да ја анулира негативата од еден гол од првиот меч (0-1) во Мадрид, во реваншот од осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Лидерот во Премиер-лигата и извесен првак на Англија, Ливерпул е пред тешка задача против шпанскиот тим, кој одигра перфектен дефанзивен прв меч, според стандардите на тренерот Диего Симеоне.
Атлетико ги затвори сите приоди кон голот и на гостинските фудбалери не им дозволи да упатат ниту еден удар на голот на Јан Облак. Цврстата одбрана е најголемиот квалитет на Атлетико, но и нападот, со брзите контри, не е за потценување особено откако се врати Жоао Феликс, кој постигна два гола на трите натпревари од закрепнувањето од повредата.
Формата на „црвените“ во последно време не е на посакуваното ниво. Одбраната прими невообичаено многу голови на последните неколку меча, а во средниот ред, во отсуство на капитенот Џордан Хендерсон и со несигурниот Фабињо како негова замена, имаше многу „промаја“. Неволјите да бидат поголеми на овој меч ќе недостига повредениот голман, Алисон Бекер. Но во Ливерпул, кој е без пораз на 25 европски натпревари на домашен терен (18 победи и седум ремија), а последниот го претрпе од Реал (0-3) на 22 октомври 2014 година, големи надежи се полагаат во напаѓачкото трио, Мохамед Салах, Роберто Фирмино и Садио Мане.
На празниот стадион „Парк на принцовите“ во Париз (од 21 часот), ПСЖ со тренерот Томас Тухел се среќава со неговиот стар клуб, Борусија Дортмунд од која загуби на првиот меч со 1-2. Тухел е во дилема дали во шицот на нападот на стартерите Нејмар и Килијан Мбапе да им го приклучи Единсон Кавани или Мауро Икарди. Во Борусија, во фокусот на внимението се двајцата тинејџери, Норвежанецот, Ерлинг Холанд и Англичанецот Џејдон Санчо.
Халанд ги постигна двата гола на првиот меч, вкупно 10 сезонава во ЛШ. Но, по тој меч, во Бундес-лигата постигна само еден гол, а во саботниот триумф над Борусија М. на гости (2-1) асистираше за двата гола. Санчо веќе забележа 15 асистенции сезонава, најмногу во кариерата и го израмни клупскиот рекорд.
Францускиот шампион има многу квалитетни напаѓачи, но ќе ја нема поддршката од публиката. Борусија е многу опасна во контрите и е способна да постигне важен гол на гости што овој дуел го прави интересен и неизвесен. Поради ескалацијата на коронавирусот, неколку натпревари во ЛШ ќе се играат зад затворени врати, и тоа Валенсија – Аталанта (синоќа) и ПСЖ – Борусија Д. (вечерва), како и Барселона – Наполи, Јувентус – Лион и Баерн – Челси (идната недела).