Шкотскиот тенисер Енди Мареј доби вајлд-карта за настап на првиот грен-слем турнир во новата сезона Австралија Опен.
– Многу сум среќен и возбуден бидејќи повторно ќе можам да играм на Австралија Опен. Имав одлични моменти во Австралија играјќи пред неверојатната публика и едвај чекам да излезам на теренот во Мелбурн Парк – изјави Мареј за „Би-би-си“

Мареј последен пат на турнирот во Мелбурн настапи пред три години, а своето последно финале го одигра во 2016 година кога загуби од Србинот Новак Ѓоковиќ.
Директорот на турнирот Крег Тајли додаде:
– Енди е познат по неговата борбеност, страст и љубов кон играта и со задоволство му посакаме добредојде назад во Мелбурн во јануари – стои во изјавата на Тајли.

Мареј изминатите години се бори со повреда на колкот поради што на АТП листата падна на 134 место.
Минатата недела Мареј настапи на егзибицискиот турнир во Абу Даби каде што го совлада Шпанецот Рафаел Надал, а во финалето загуби од Русинот Андреј Рубљев.