По борбена и неизвесна игра во малото финале, селекцијата на Данска го освои „утешниот“ бронзен медал на Европското првенство во Унгарија и Словачка откако по голема драма и продолженија (2х5 мин) ја надигра Франција со 32-35 (14-13,29-29).

Данците во овој меч беа без своите двајца најдобри ракомети Микел Хансен кој не настапи поради повреда, а на самиот почеток на мечот се повреди и десниот бек Матијас Гидсел.

За Данска ова е вкупно седми медал на континенталните собири, четврти бронзен (2002, 2004, 2006,2022), a имаат и едно сребро (2014) и две злата од ЕП 2008 и 2012.

Јакоб Холм со десет гола беше најдобар стрелец во редовите на Данска , додека пак кај Французите прво име меѓу стрелците беше Кентин Мае со осум погодоци.

Главни звезди во малото финале беа голманите на двата тима, Винсент Жерард кој мечот го заврши со 17 одбрани, и Никлас Ландин кој собра 18 успешни интервенции.