Македонија вечерва во Будимпешта ѝ гостува на Унгарија во 1-то квалификациско коло, група Ф, за пласман на ЕП во одбојка 2019-та

Со вечерашниот меч против Унгарија во Будимпешта (17.45 ч.) прв во квалификациската група Ф, машката одбојкарска репрезентација на Македонија ја почнува кампањата за пласман во завршницата на Европското првенство (ЕП) 2019 година што ќе се одржи во четири земји, Франција, Белгија, Холандија и Словенија и на која првпат ќе настапат 24 селекции.
Македонија досега ниту еднаш не играла на финален турнир на ЕП што би требало да претставува дополнителен мотив за оваа генерација одбојкари да одиграат најдобро што можат и да се најдат во друштвото со најдобрите репрезентации во Европа.

Покрај Македонија и Унгарија, во групата Ф се уште Украина и Швајцарија, кои пак, вечерва се среќаваат во Запорожје. Првопласираната од оваа и од другите шест групи ќе се најде на завршниот турнир на ЕП, плус петте второпласирани селекции со најдобар скор во дуелите со третопласираните селекции во групите.

Како фаворит на хартија за освојување на првата позиција во „нашата“ група се смета Украина, додека Македонија, Унгарија и Швајцарија, би требало да се борат за второто место што води на ЕП.

– Мечот против Унгарија е важен секако, не е сеедно дали со победа или со пораз ќе почнеме во квалификациите. Но, не е пресуден бидејќи нѐ очекуваат уште пет меча, кои исто така се битни за конечниот пласман. Сигурно е само дека нѐ очекува тежок натпревар против репрезентација, која во квалификациите влегува многу поамбициозно отколку во Сребрената европска лига во која беше последна во групата.

За тоа најдобар показател е што во составот имаат тројца нови квалитетни одбојкари, меѓу нив и Роланд Ѓерѓи, веројатно најдобриот што го имаат во моментот. Што се однесува до Македонија, добро сме подготвени, оваа селекција подолго време игра заедно, добро се познава, плус ги имаме повратниците, искусните Филип Деспотовски и Александар Милков (повреден е и неговиот настап е доведен во прашање – н.з.). Мислам дека Македонија не заостанува според квалитетот зад Унгарија, но тоа треба да го потврди со добра и со максимално ангажирана игра и, се надевам, со победа – изјави пред заминувањето за Унгарија, новиот селектор на Македонија, Никола Матијашевиќ.

По дуелот со Унгарија, противник на Македонија во 2-то коло, в сабота, во СРЦ „Кале“ во Скопје (20.30 ч.) ќе ѝ биде Украина. Швајцарија ја пречекува Унгарија в недела, 19 август. На 22 август ќе се одиграат мечевите од 3-то коло, Македонија – Швајцарија и Украина – Унгарија, а на 25 август на програмата се мечевите од 4-то коло: Швајцарија – Македонија, односно Украина – Унгарија.
Во јануари следната, 2019 година, се завршните две кола: Украина – Македонија; Унгарија – Швајцарија, односно Македонија – Унгарија и Швајцарија – Украина.