Фото: Зоран Антоски

Првиот терен со вештачка трева што почна да се гради од почетокот на оваа година во непосредна близина на стадионот на Влазерими во Кичево, влегува во завршна фаза. Деновиве се поставува вештачката трева и најдоцна за десетина дена теренот ќе биде целосно завршен и ставен во употреба.

Инаку вештачката трева за овој терен е увезена од Италија и е првиот терен во земјава што ќе добие вештачка подлога базирана врз италијанска технологија.

-Изградбата на првиот терен со вештачка трева во нашиот град се ближи кон самиот крај. Деновиве од страна на една македонска и една српска компанија од Белград, се поставува вештачката трева и очекуваме најдоцна до 15-ти овој месец теренот да биде целосно завршен. Првиот терен со вештачка трева во Кичево е со димензии од 101 метар должина и 71 метар широчина, каде ќе биде сместен фудбалски терен со домензии од 95 метри должина и 65 метри широчина. Се работи за квалитетна вештачка подлога од италијанско производство и ќе биде првиот ваков терен поставен во земјава, а неговата гаранција изнесува минимум десет години. Теренот е заграден со висока жичена ограда и за истиот Фудбалската федерација на Македонија издвои 350 000 евра-истакна Ружди Алиу, од компанијата главен изведувач на овој терен.

При еден разговор со претседателот на ФФМ ,Мухамед Сејдини, тој нагласи дека, иако теренот е лоциран во непосредна близина на стадионот на Влазерими, сепак истиот ќе можат да го користат сите клубови и сите генерации фудбалери кои гравитираат во оваа општина. Теренот ќе може најмногу да се користи во периоди кога има врнежи од дожд и кога терените со природна трева не се најпогодни за работа на фудбалерите. Самиот терен е поставен на фундамент со височина од еден метар и на овој начин е заштитен од поплави, висок воден талог и прелевање на соседната река.