Здрава храна

Факт е дека јадењето овошје има голем број придобивки, вклучувајќи го и намалувањето на ризикот од кардиоваскуларни болести. Меѓутоа, треба да внимавате да не претерате.
– Консумирањето премногу овошје може да предизвика да јадете помалку други намирници што содржат здрави масти и протеини. Недостигот од хранливи материи може да биде многу штетен. Ако јадете премногу овошје одеднаш, шеќерот во крвта ќе ви се зголеми, што ќе предизвика повеќе желба за храна и тука настанува проблем – вели нутриционистката Бони Њулин за списанието „Ит дис, нот дет“.
Овошјето содржи јаглехидрати, па рамнотежата е клучна. Треба да ја земете предвид големината на порцијата и да го комбинирате овошјето со храна што е извор на протеини, влакна или здрави масти.
– Луѓето што имаат проблеми со дебелото црево треба да разговараат со својот лекар за да одредат каков вид овошје можат најдобро да толерираат и дали треба да има некакви ограничувања за консумирање овошје – додаде таа.
Некои веруваат дека цедењето сокови е подобро од јадењето цело овошје и зеленчук бидејќи вашето тело може подобро да ги апсорбира хранливите материи, а тоа на вашиот дигестивен систем му дава пауза од варењето на влакната.