Здрава храна

Утринската шолја кафе е полна со придобивки што може да го намалат ризикот од низа болести, како и да ја зголемат силата на нашиот мозок, пишува американскиот магазин „Риал симпл“. Кафето се смета за суперхрана, бидејќи е полно со есенцијални витамини и минерали, како рибофлавин, пантотенска киселина и магнезиум, како и биоактивни соединенија што спречуваат болести.
Хлорогените киселини се група полифеноли присутни во кафето што имаат антиоксидантно дејство и се покажало дека помагаат за намалување на воспаленијата. Кафето го намалува ризикот од срцеви заболувања, дијабетес и одредени видови рак. Редовното консумирање кафе е поврзано со спречување сериозни болести. Една студија покажала дека пиењето од три до пет шолји дневно го намалува ризикот од кардиоваскуларни болести, а истражувањето на Американското здружение за срце покажало дека пиењето повеќе од една шолја кафе на ден го намалува за 25 отсто ризикот од мозочен удар.
Кафето е природен стимуланс, кој го активира нашиот централен нервен систем, правејќи да се чувствуваме помалку уморно, а истовремено ја подобрува нашата способност да се концентрираме, фокусираме и брзо да реагираме. Како природен стимуланс, кафето е и поттикнувач на метаболизмот.