Вработените во канцелариите на „Мајкрософт“ во Кина што користат телефон андроид ќе добијат деловен ајфон 15 од компанијата. И покрај жестокото ривалство што трае со децении, „Мајкрософт“ одлучи дека почнувајќи од септември, вработените во Кина ќе можат да користат само ајфон за работа, со што практично ќе се запре употребата на андроид-уредите.
Со интерен меморандум, „Мајкрософт“ ќе бара од своите вработени во Кина да ги користат уредите на „Епл“ за да го потврдат нивниот идентитет кога се најавуваат во системите на компанијата. Оваа мерка е дел од глобалната иницијатива „Безбедна иднина“ и има цел да обезбеди сите вработени да ги користат менаџерот за лозинки мајкрософт-автентикаторот и апликацијата Идентити пас. Главните причини за овој потег се многубројните продавници за апликации за андроид-телефоните во Кина и разликите помеѓу кинеските и странските мобилни екосистеми. За разлика од иОС, Гугл плеј не е достапен во Кина, а локалните производители како „Хуавеи“ и „Ксаоми“ имаат свои решенија. „Мајкрософт“ ги блокира кинеските уреди да пристапат до корпоративни ресурси поради недостиг од услуги на Гугл.
Новите паметни телефони ќе треба да се подигнат од дистрибутивните центри низ Кина, вклучувајќи го и Хонгконг. „Мајкрософт“ сè уште јавно не ја коментирал одлуката ниту одговорил на прашањата на „Блумберг“ за причините за овој потег.