Нега и убавина
Императивот на секоја модерна жена е да остане млада што е можно подолго. Или барем достоинствено да остари. И тука доаѓаме до точката што е клучна во оваа мисија, а тоа е колагенот. Имено, како што минуваат годините, колагенот во текстурата на кожата исчезнува и прави тенот да изгледа уморно, сиво, а кожата опуштена.
– Колагенот е, ако сите добро ме разбираат, скелето што ја поддржува кожата. Буквално ја прави кожата еластична. Колку помалку колаген имаме, а вреди да се напомене дека тој се распаѓа со брзина од околу еден процент годишно од средината на 20-тите, па натаму, толку кожата е полабава и се појавуваат поголеми пори и брчки. Како и секогаш, подобро е да се спречи отколку да се лекува. Колку повеќе можеме да го инхибираме разградувањето на колагенот, толку подобра ќе биде нашата кожа како што старееме. Нема да биде изненадување што акцелератор број еден е изложеноста на ултравиолетово зрачење или УВ-светлина – објаснува дерматологот Ема Крајтон за „Вог“, која исто така наведува дека сите дерматолози се колнат во производи со широк спектар за заштита бидејќи, покрај спречувањето рак на кожата и хиперпигментацијата, тие го зачувуваат нивото на колаген.
Според неа, еден начин е да користите ретиноиди дома. Витаминот А влијае како хормон и испраќа пораки до фибробластите во дермисот на кожата, упатувајќи им да се вклучат и да почнат да произведуваат повеќе колаген и хијалуронска киселина. Таа препорачува да користите препарати богати со витамин Ц. Исхраната е исто така клучна за убавината и младоста.
– На вашето тело му требаат витамин Ц, цинк, манган и бакар за производство на колаген, па затоа е важно да ги имате во вашата исхрана – вели естетскиот хирург Софи Шотер.