Медицински совет
Дури и кога пукаме од здравје и кога е стивната сезоната на алергии, се случува да се разбудиме со затнат нос. За многумина тоа е непријатна појава, но експертите открија дека причината може да биде она што го внесуваме во организмот пред да си легнеме. Имено, на нашето дишење може да влијаат и некои ритуали во исхраната, како јадењето доцна навечер, но и јадење зачинета или кисела храна.
За затнатиот нос најчесто е виновна гастроезофагеална, односно киселина што за време на лежењето и спиењето често „заскитува“ таму каде што не треба. Освен затнат нос, киселината предизвикува и кашлица, стегање на органите за дишење, болно голтање, непријатен здив, сува уста и зголемено лачење плунка. Оваа киселина најчесто ги погодува пушачите, лицата што се борат со прекумерна тежина, бремените жени или оние што земаат разни лекови, но може да се јави и кај други лица, па дури и кај децата.
За да се ослободите од оваа непријатна појава, за почеток водете сметка пред спиење да не консумирате обилни оброци, а се препорачува и да не пушите, да не пиете алкохол и кисели овошни сокови, да не јадете чоколадо, пеперминт и слични намирници.
Исто така, со вашиот лекар проверете дали некој од лековите што ги земате може да предизвика создавање киселина и да го замените со друг.