Јапонски иноватори направија електрични стапчиња за јадење, кои создаваат чувство дека храната е посолена. Тие тврдат дека ова се првите вакви стапчиња во светот што создаваат вештачки вкус на сол. На овој начин тие придонесуваат за намалување на количеството натриум во некои од најпопуларните намирници во Јапонија. Стапчињата се користат со електрична стимулација и минијатурен компјутер, кој се носи како белезица за време на оброкот.

Професорот Хомеи Мијашита од универзитетот „Меиџи“ во Токио, чија лабораторија заедно со компанијата „Кирин“ работеше на правењето на ваквите стапчиња, објасни како функционира оваа иновација.

Според него, електричните стапчиња пренесуваат натриумови јони од храната во устата, што создава чувство на соленост. Најавено е дека овој прототип ќе биде подобрен и се очекува следната година со нив да може да се консумира храна. Исто така се очекува дека Јапонците ќе прифатат да јадат користејќи ја оваа иновација.
Според Светската здравствена организација (СЗО), просечен жител на оваа земја јаде десет грама сол дневно, што е двојно повеќе од препорачаниот просек на СЗО. Министерството за здравство на Јапонија препорача мажите да консумираат 7,5 грама сол дневно, а жените 6,5 грама сол. Големото количество сол може да придонесе за висок крвен притисок, кој е една од најчестите причини за срцев и мозочен удар.
Лабораторијата на Мијашита исто така истражува како технологијата ќе може да се користи за имитација на различни вкусови на храна, пишува „Гардијан“.