Медицински совет

Седечкиот начин на живот е една од најлошите навики што можат да му наштетат на здравјето на коските, но не е единствената. Ако редовно вежбате и консумирате храна богата со калциум, како млечни производи, риба, овошје, зеленчук, здравјето на вашите коски нема да биде загрозено. Но одредени видови храна, лекови и навики всушност можат да ги ослабат вашите коски.
Прекумерно внесување сол: Храната богата со натриум може да придонесе за остеопороза. Иако истражувачите не знаат точно зошто, експертите велат дека додека вашето тело работи за да се ослободи од вишокот сол, во тој процес се ослободува и од калциумот. Ова е лоша вест за вашите коски, бидејќи им треба калциум за да останат силни. Најдобро е да се држите подалеку од солена храна, како месо, преработена или замрзната храна со додаден натриум.
Газирани пијалаци: Газираните пијалаци имаат штетно влијание врз коските поради фосфорната киселина и кофеинот што ги содржат. Истражувањата покажаа дека фосфорната киселина во некои безалкохолни пијалаци може да го извлече калциумот од коските, особено кај жените. Исто така се покажа дека кофеинот во пијалаците придонесува за губење на калциум.
Лекови: Некои вообичаени лекови без рецепт и лекови за ждригавица и рефлукс на киселина се поврзани со поголем ризик од фрактури на коските ако се земаат повеќе од една година или во високи дози.
Ортопедскиот хирург Иан Дики од медицинскиот центар „Св. Лука“ наведува дека луѓето што земаат значителни количества од овие лекови треба да бидат внимателни бидејќи ги менуваат pH вредноста и капацитетот на апсорпција не само во желудникот туку и во цревата, каде што најголемиот дел од нив се внесува.
Пушење: Пушењето исто така го зголемува ризикот од фрактури. Постарите мажи и жени што пушат се особено подложни на губење на коскената маса. Како што стареете, вашето тело зема калциум и фосфат минерали од вашите коски наместо да ги чува. Иако се потребни повеќе истражувања за целосно да се утврди врската помеѓу пушењето и остеопорозата, експертите веруваат дека употребата на тутун е поврзана со намалена густина на коските. Пушењето исто така може да го забави заздравувањето на вашите коски по фрактура.