Фото: Пиксабеј

Европскиот одбор за заштита на податоци неодамна објави дека донел обврзувачка одлука со која ѝ забранува на компанијата „Мета“, сопственик на Фејсбук и на Инстаграм, да ги користи личните податоци на корисниците за насочено рекламирање.
– Наредбата воведува забрана за обработка на лични податоци за насочено рекламирање врз правна основа на договор и легитимен интерес низ Европската економска област – соопшти Европскиот одбор за заштита на податоци (EDPB), пренесува „Франс 24“.
Наредбата доаѓа откако „Мета“ соопшти дека корисниците на Фејсбук и на Инстаграм во Европа ќе можат да купуваат претплати за користење на социјалните мрежи без никакво рекламирање од месецов.
– „Мета“ веќе најави дека ќе им даде можност на граѓаните во ЕУ и во Европската економска област да одобруваат, а во ноември ќе понуди претплатен модел во согласност со регулаторните барања – изјави претставник на „Мета“.
Одлуката на ЕДПБ го принудува ирското регулаторно тело за податоци, кое има јурисдикција над операциите на „Мета“ во Европа, да преземе конечни дејства по ова прашање во рок од две недели, а забраната ќе стапи во сила седум дена подоцна.