Трибината „Книжевната сцена во современиот културен контекст“ ќе се одржи денеска, во 12 часот, во салонот „ Империјал 1“ во КИЦ. Модераторка е Ана Јовковска, авторка, новинарка и културна истражувачка. Говорници се Петар Андоновски, автор; Живко Грозданоски, автор и книжевен преведувач; Јулијана Величковска, авторка, уредничка во „ПНВ публикации“, директорка на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмска директорка на „Поетска ноќ во Велестово“; и Владимир Јанковски, автор и уредник во издавачката куќа „Готен“.
„Книжевната сцена во современиот културен контекст“ е дебата за развој и афирмација на литературата и издавачката дејност во Македонија. Настанот е замислен како платформа за креативен дијалог и критичко размислување со современи македонски автори што имаат значајна улога во креирањето на моменталните книжевни текови, културни теории и политички светогледи. На дебатата преку делата на авторите, всушност, ќе се посочат важни општествени прашања: современите предизвици на книжевноста, културната продукција, уметноста, културните идентитети, медиумската култура и друго. Втората панел-дискусија со наслов „Детска книжевна продукција“ ќе започне во 13 часот, а фокусот ќе биде на литературата за деца, важноста од едукативната компонента, развивањето на креативноста кај децата и следењето на современите светски текови на детската продукција во рамки на литературата и илустрацијата. Учесници се проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, Ника Гавровска, авторка и уредничка во издавачка куќа „Гаврош“ и Бистра Георгиева, авторка.