КОШАРКА – НБА-КУП

Индијана и Њу Орлеанс се први полуфиналисти

Индијана и Њу Орлеанс се првите полуфиналисти во НБА-купот, новото кошаркарско натпреварување, кое се игра во текот сезоната и има цел да внесе дополнително возбудување на дуелите во почетокот од сезоната. Индијана на свој терен со голема победа го надигра фаворизираниот Бостон со 122-112, предводена од младиот бек Тајрис Халибуртон (26 поени, 10 скока и 13 асистенции). Бостон по овој пораз, со оглед на тоа што резултатите од овој куп се сметаат и во регуларната сезона, има биланс 15 победи и пет порази, а Индијана има 11-8.
Њу Орлеанс, пак, го совлада Сакраменто со 127-117 и е прв полуфиналист на Купот на Западот. Најдобар кај победникот беше Брендон Инграм (30 поени, осум скока и шест асистенции).
На фајналфор-турнирот во Лас Вегас што се игра од петок, Индијана во полуфиналето ќе се сретне со победникот од мечот Милвоки – Њујорк, а Индијана ќе игра со подобриот од дуелот Лос Анџелес лејкерс – Феникс за пласман во финалето на НБА-купот. Овие натпревари требаше да се играат рано изутринава. Г.И.


ФУДБАЛ
Џуд Белингем ја освои наградата „златно момче“за годинава

Фудбалерот од средниот ред на репрезентацијата на Англија и на шпанскиот прволигаш Реал Мадрид, Џуд Белингем, ја освои наградата „златно момче“ за 2023 година. Таа награда му ја доделуваат спортски новинари од повеќе весници во Европа на најдобриот млад фудбалер до 21 година што игра на Стариот Континент.
Признанието се доделува од 2003 година, прв победник е Рафаел ван дер Варт, а други добитници, меѓу другите, биле и Лионел Меси, Вејн Руни, Килијан Мбапе, Матијас де Лихт…, а во претходните три години Ерлинг Холанд, Педри и Гави. Н.М.


ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Премиер-лигата склучи нов договор за ТВ-права

Премиер-лигата склучи договори со „Скај спорт“ и со „ТНТ спорт“ за пет пакети за преноси во живо во Обединетото Кралство и со „Би-би-си спорт“ за бесплатен пакет со најзначајни моменти, за четиригодишен период, почнувајќи од сезоната 2025/2026, кои се најголеми договори за правата на спортските медиуми склучени некогаш во Обединетото Кралство, објави Премиер-лигата на својата интернет-страница. Најавените договори ќе донесат вкупно 6,7 милијарди фунти приход во текот на четиригодишниот период, вклучувајќи и четири отсто зголемување на вредноста на правата за преноси во живо во споредба со претходниот процес, пишува Премиер-лигата. Н.М.


ИЗБОР НА „БИ-БИ-СИ“

Кандидати за светска спортска ѕвезда на годината се Бајлс, Бонмати, Ѓоковиќ, Холанд, Колиси и Ферстапен

Симон Бајлс (гимнастика, САД), Аитана Бонмати (фудбал, Шпанија), Новак Ѓоковиќ (тенис, Србија), Ерлинг Холанд (фудбал, Норвешка), Сија Колиси (рагби, Јужна Африка) и Макс Ферстапен (Формула 1, Холандија) се кандидати за годинашната награда Светска спортска ѕвезда на годината на „Би-би-си“ за 2023 година.
Може да се гласа до 12 декември за наградата што во минатата година ја освои аргентинскиот фудбалер Лионел Меси, пишува „Би-би-си“.
Признанието се доделува од 1960 година, а победници, во овој век, меѓу другите, биле Бајлс, Ѓоковиќ, Меси, Роже Федерер, Рафаел Надал, Кристијано Роналдо, Роналдо Назарио да Лима, Себастијан Фетел, Усаин Болт, Елиуд Кипчоге, Горан Иванишевиќ…