Денеска напладне во Кинотеката на Македонија ќе бидат промовирани последните изданија на Кинотеката: книгата „Документарниот филм и идентитетот“ и блурејот „Пет македонски етнолошки филма“. Промотори на изданието „Документарниот филм и идентитетот“ на Сунчица Симоновска Веселиновска, виш филмолог во Кинотеката, ќе бидат Драгица Поповска од Институтот за национална историја и Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката.
Рецензенти на ова печатено издание на истоимениот магистерски труд на Веселиновска се Антоанела Петковска и Тодор Чепреганов, кој за значењето на филмската документаристика напиша: „Снимањето документарни филмови што најчесто се насочени кон обработка на историски факти од минатото, потврдени со актуелните научни истражувања, директно влијае врз колективната меморија – како клучен фактор во обликувањето на националните белези на македонскиот народ. Филмот воопшто, а особено документарниот филм, има моќ постојано да нè враќа во минатото, поради што се наметнува потребата за зачувување на сите елементи што заземаат значајно место во идентитетот на еден народ – каде што филмот се појавува во улога на еден од чуварите и паметниците на идентитетот на тој народ“.
И за второто кинотечно издание што ќе биде промовирано денеска, блуреј-изданието насловено „Пет македонски етнолошки филма“, може да се каже дека е еднакво значајно за идентитетот како дел од нашата колективна меморија, но пред сѐ како наше аудиовизуелно културно наследство. Станува збор, како што посочува насловот, за пет документарни филма со етнолошка тематика, снимени во 1950-тите и 1960-тите години на минатиот век, во продукција на Етнолошкиот музеј – Скопје и продуцентската куќа „Вардар филм“. Документарните филмови на овој блуреј се „Велигденски обичаи“ (1954, р. Ацо Петровски), „Галичка свадба“ (1955, р. Ацо Петровски), „Дервиши“ (1955, р. Ацо Петровски), „Мариовска свадба“ (1966, р. Вера Кличкова) и „Русалиски обичаи во Гевгелиско“ (1957, р. Благоја Дрнков). Тие минатата година беа дигитално реставрирани со средства од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ на Асоцијацијата на европски кинотеки. Дигитална реставрација на петте етнолошки филма беше извршена од Владимир Павловски, а промотор на блуреј-изданието ќе биде етнологот Елизабета Конеска, виша кустоска во Музејот на Македонија.