Од вчера до 4 септември во Кинотеката се одржува третото издание на „Фестивалот на нем и класичен филм“. Фестивалот започна со претфестивалска проекција на документарниот филм „Адио југофилм, адио југофестивал, адио Југославија… се гледаме во следната војна“ на култниот актер и режисер Игор Гало, кој ќе одржи и мастерклас посветен на неговото творештво, но ќе зборува и за темата на неговиот филм – историјата на филмскиот фестивал во Пула.
Фестивалот официјално се отвора вечерва, со проекција на немиот филм „Калабака: тајните на непознатата Европа од 1928 година“. Калабака претставува еден вид кинематографски извештај за една експедиција на Балканот. Германската филмска компанија „Хегевалд“ го испраќа патувачкиот репортер Фред фон Болен-Хегевалд да замине од Австрија кон југот на Европа, па до Багдад, во специјален „репортерски“ автомобил. Тој минува низ повеќе места – Мостар, Скопје – каде што ги посетува Дервишите, Солун и комплексот манастири Метеори во близината на градот Каламбака. Филмската проекција на овој извонреден нем филм ќе биде дополнета со оригинална музичка изведба во живо на „Добрила и Доријан дуо“.
Гостин на фестивалот е Елиф Ронген-Кајнакчи, кураторка на неми филмови oд Амстердам, која ќе одржи две работилници посветени на идентификација на неми филмови и промоција на платформата за музички партитури за неми филмови. Покрај овие проекции, во соработка со институт „Гете“, во рамките на фестивалот ќе се прикаже и циклус филмови од германскиот режисер Волкер Шлондорф, потоа три циклуси на филмови во соработка со Хрватскиот филмски архив – циклус хрватски анимирани филмови од „Загреб филм“, циклус документарни и кратки играни хрватски филмови, како и циклус неми филмови на хрвaтскиот филмски пионер Октавијан Милетиќ.
На фестивалот ќе бидат прикажани неми и класични филмови од архивот на Кинотеката. Музичката придружба на немите филмови ќе ја изведува македонскиот џез-пијанист, аранжер и композитор Гордан Спасовски.