РЕЦЕНЗИЈА
Зоран Јакимоски, „Сон, јаве или привид“, изд. ПНВ публикации, Скопје, 2022)
(Со години поетот Зоран Јакимоски ги објавува своите лирски соништа, исполнувајќи со нив неколку забележливи, можеби сепак недоволно забележани и одбележани поетски стихозбирки. А станува збор за своевиден лирски посветеник што ја испишува својата лирика на нему својствен, единствен начин, допуштајќи му на лирскиот наплив да се распростре спокојно, но енергично во една разиграна, бујно реторичка поетска фраза. Затоа неговите песни не се двоумат да се разгрануваат околу основниот мотив, но во ниеден миг не се оддалечуваат на толкаво семантичко растојание за да не можат повторно да се влеат во главната струја. Стиховите наидуваат во бранови, редовно напредувајќи кон логична, очекувана, но возбудлива завршница.
И најновата книга на Јакимоски ги содржи наведените својства, овој пат нудејќи му на читателот и една тематска плетенка од алузии на историски, митолошки и цивилизациски настани, искуства и искушенија, со инспирирани и инспиративни родољубиви навраќања, но и емотивни заграби од интимни, љубовни обраќања кон претпоставеното лирско Таа. Посебен впечаток оставаат навраќањата на поетот кон природата, специфичноста и значењето на песната во личното искуство, како и во длабокиот историски и митолошки контекст, протегањето на пеењето низ животот на поединецот, но и на лирските отпечатоци и траги во текот на цивилизациските темпорални слоеви. Прави впечаток една инвентивна постапка: имено, поетот ни нуди две песни на темата песна, поставувајќи ги едната на почетокот на цивилизациската сознајна и чувствена мугра, а другата испевајќи ја како исповед од личното искуство со чинот на поетското создавање, па така, песната „Песна“ е исказ на древно лирско Јас, кое најубавите зборови ги испишува „врз папирусот“, а втората песна, „Генеза на песната“, е информација од личното искуство и искушение, на поетот со изворот, поттикот и настанувањето на песната, овде и сега, додека настанува новата стихозбирка на авторот. Исходиштето на нашата песна се наѕира во убавото, едноставно или сложено секојдневие, неа ја придвижува кон реализација убавото пролетно утро, прошетката на блиските луѓе, раскошот на обичното. Па се случува така што една редовна, речиси механичка активност, во духот на поетот да израсне во вистинска фреска, и стомнето со кое сосетката оди по вода се обвиткува со магичен блесок, а ластовиците што се во воздухот кружат околу главата на водарката навестувајќи светост на обичното, овенчувајќи ја со сјајно хало. И одеднаш песната ги демонстрира своите несогледливи трансформациски можности и квалитети, па сосетката што оди по вода на чешмата, небаре е претставена на платното на великите ренесансни мајстори, добива нешто неовдешно, се исполнува со светечка благост и величие. Уште една песна, „Утешителна“, се наоѓа во првиот циклус како доиспевање на темата Раѓање на песната. Навевот на книжевна атмосфера тука како да се потврдува и со еден цитат од Аполинер, што под насловот стои како мото. Овие стихови се исполнети со интелектуален напор да се посведочи за уверливоста на светот, да се прикрепат неговата релативност и нестабилност со лирски каријатиди, за да се побегне од тоа долго пекање таа лажна стварност… / кога седнат во дворот под лозницата/голтам поезија наместо терапија.
Наредните два циклуса „Јаве (последните стихови за нас“) и „Или привид (виножитата се дофатливи)“ сведочат за едно благотворно влијание од лектирата. Имено, раскошната лирска фраза, плавноста на лириката на Еуџенио Монтале оставиле убава трага во песните од овие два циклуса. Сега песните на Јакимоски демонстрираат една лиска благост, која се разлева како благословена беседа и создава цврсто амалгамно единство што ги држи не толку малиот број стихови во цврста структура. Во овие песни од најновата книга на нашиот автор силен впечаток прави сувереното владеење со ритамот, кој ја набира и поткрева лекичката маса, создавајќи угодно чувство на интимна пријателска исповед, внушувајќи целосна доверба кај читателот дека е поканет на средба со искрен и проверен пријател. Секако дека ваквиот впечаток е една од несомнените доблести на секое лирско четиво, проверено низ долгата и бурна творечка и читателска историја. Исто така, прави уверлив впечаток навидум небрежното, попатно споменување мигови, секвенци, детали од односот меѓу вљубените, тие ежедневни житејски исечоци и одеднаш, ненаметливо, крајно природно ја осветлува сликата со метафизички блесоци, изведувајќи на лирската сцена учесници од елементарната сфера, па во интимната комуникација меѓу вљубените, во еден реалистичен детаљ („додека крупни зрна грозје ти се топеа во устата“) се придодаваат металот и небото, на пример, учествувајќи со својата енергија и трансформација во љубовната драма, во радоста или тагата. И што се случува, на каква лирска возбуда и сензација бидува повикан читателот? Додека се одвива една безначајна, ситна постапка на саканата, додека таа фрла сол врз дамките на здолништето и се насладува со крупни зрна грозје, лирското Јас вака известува:
еден невообичаен сјај ги мешаше чувствата:
небото потсинуваше до болка
металот стануваше течен
а зборовите ги губеа значењата.
Внимателниот читател ќе забележи дека нашиот поет применува една необична, но естетски мошне дејствена постапка: лирското Јас е сложенка од впечатоци, искази, искуства и сеќавања на повеќе времиња, епохи и настани и затоа е слоевито, повеќестрано, наеднаш покажувајќи друго лице, споделувајќи со нас доблесни или трагични настани во кои учествувало во најразлични историски времиња и премрежиња. На тој начин и љубовните исповеди се повеќегласни, нив како да ги говори едно лирско Ние, кое овде се прибрало во лирското Јас и ја пее Големата љубовна песна што се слуша секаде и отсекогаш, се разбира, најмногу осветлувајќи го последниот, актуелен слој, личната исповед од нашево совремие, што може да се назначи и преку употребата на лексеми, на терминологија што се поврзува единствено со нашава технолошка електронска ера:
ти пишува на месинџер
а ти избезумено му враќаш
не овде бре не овде на вибер!
Или:
постојат цели купишта документи за тебе:
мејлови фајлови книги
Зоран Јакимоски ја комплетира својата книга со еден циклус посветен на татковинските чувства и тоа се песни што се одликуваат главно со длабоки и прочистени пристапи кон оваа чувствителна и, се разбира, достојна тема за уметнички пристап. Во секој случај, треба да се истакне дека со најновата поетска книга овој наш забележителен поет го потврдува своето присуство во современата македонска литература, надградувајќи го истовремено својот влог во нејзината разновидност.
Санде Стојчевски