Објавен „Столб што пее“ на Томислав Османли

Од печат излезе „Столб што пее“, новиот роман на македонскиот писател Томислав Османли, издание на книгоиздателството „ВиГ зеница“ од Скопје. Ова е четврти роман на истакнатиот писател, добитник на високи домашни награди за своето книжевно творештво, автор на над триесет книги од различни жанрови и книжевник со голем број творби преведувани во странство.

„Столб што пее“ е роман со сложен хронотоп и наратив. Неговото дејство е трансисториско и се одвива паралелно: во антиката, во дваесеттото и во ова столетие. Почнува во првиот век на нашата ера кога еден умирачки антички мелограф и филозофски поет ќе ни ја остави најстарата преживеана песна од древните времиња, што се гласи со лирски тон и со оптимистичка порака; преку Малоазиската војна 1919-1922, која е еден меѓунационален и меѓуверски масакр изведен во продолжение на Првата светска војна…; сѐ до нашево совремие, до оваа трауматична 2022 година и новото опасно завојувано столетие. Романот дава жестока панорамска слика на вековите и посебно на оваа епоха на глобално распалувани војни.

Просторот на неговите паралелно водени фабули ги опфаќа древна и современа Мала Азија (Јонија со Анадолија, Сирија, Турција), суровите води на бегалскиот Медитеран по кој со години допловуваат, но и потресно ги завршуваат животите безбројни бегалци од унесреќените земји на Третиот свет, пред негостољубивите води и граници на државите од Европа, во незгасната надеж дека некако ќе допрат до една од северните, главно недостижни земји; простори на надежта за конечно пронајдена благосостојба и каков-таков спокој…

– Новиот роман на Томислав Османли е еден вид книжевен крик за масовните човечки страдања од неизлечивата болест на историјата и на жестоките војни, на насилноста, одмаздољубивоста, суровоста како својства на т.н. цивилизација низ целиот нејзин тек, нараснати особено денес. Оваа книга носи еден згуснат наратив посветен на драматичната разлика што постои меѓу мирољубивите учења, догми и доктрини на луѓето од дух, од морал и човекољубие… и на самата тврдокорна, насилна суштина на историјата на омразите, што Османли впечатливо ја истражува и разоткрива во својот извонреден роман. Ова е уште едно ангажирано, возбудливо книжевно дело на Османли – вели Глигор Стојковски за романот.

Романот „Столб што пее“ во издание на „ВиГ зеница“ се објавува со поддршка на Министерството за култура.
Книгата може да се најде во книжарниците на „Или-или“ и на „Литература.мк“.