Поглед свртен навнатре (3)

Антиупатства за лична употреба

И како сликар, Дурацовски има потреба да го разложи сетилниот минлив впечаток за повторно да го сложи (како пандан на „разредено и составено“ во неговата проза), во обидот да се насети квинтесенцијата, она чисто и суштинско во појавата – постапка блиска на Борхес, како и на Шејка и Медијалата. Владимир Величковски во „Ликовен меѓупростор“ (книшка издадена во истата едиција како и „Тајна историја“) нагласува: „Предметот сугерира постоење на друга стварност, што на овој начин го открива немирот на модерната свест, тегобноста пред непознатото“. Во своите платна Дурацовски, со илузионистички, „кулисно“ решаван простор и со куклести фигури пројавува некаква „пасеистичка меланхолија“, метафизичка статичност и иреалност на атмосферата… Од делата од 1978 години, како и од последните неколку години, наречени Опера Диаболи, ликовното е помирено со теоретското, рационалното со интуитивното, егзактното со емоционалното, делот со целината. Цртежот (портретите, ликовите, актите итн.) е спонтан и немирен, комбиниран со симболи, со визуелни знаци и со текстуални објасненија, што на делата им дава извесна енигматичност и белези на некаква „визуелна филозофија“. Во овие платна, некогаш налик на Декириковите метафизички сцени, некогаш – на ментални колажи, е секогаш присутен медијалниот посреднички напор, да се оди понатаму од ликовното, таму каде што привидната случајност може да прерасне во закономерност. Влијанието на Шејка е очигледно во користењето на еден симболички инструментариум (би можел да се нарече „борхесовски“ или „алхемиски“) во процесот на духовното осознавање.

Елизабета Шелева ја истакнува таа особена потрага во неговата постапка: „Писателот-сликар Дурацовски длабоко е заинтересиран од свеста за постоење двојништво на светот и на личноста. Согледана низ призмата на нагласената егзистенцијална тегобност што ја раѓа ова време, проблемот на двојството се легализира и надвор од границите на книжевната фантастика, прераснувајќи во метафизичка проекција на Постоењето. Проблемот ма себепознавањето и начините на кои човекот може да продре ’до‘ и ’во‘ себе – се претставени како онтолошки категории, бидејќи, според Дурацовски, космосот е одухотворена супстанција“.

По „Тајна историја“ се чекаше на новата книга на Дурацовски точно една деценија со појавувањето на „Црни пророци“ (1986). Во меѓувреме, прозните текстови печатени во списанијата, „Вода, лавиринт“ и „Цибетка, ангелот на смртта“, сведочат за продлабочување на постапката, за суптилно „набљудување одвнатре“, „истражување одвнатре“ (Шејка), со фина разградба на приказната со есеистички вметнувања, приказна во приказна, цитати, фусноти… Ликот и делото на Леонид Шејка и натаму е негова преокупација (сега и преку ликот на рано починатата сопруга на Шејка, Марија Чудина). Инаку, во „Тајна историја“ често беа цитирани фрагменти од прозата на Миленко Пајиќ, необичен српски автор со постмодернистичка ориентација, кој во книгата „Нови биографии“, печатена една година по „Тајна историја“, едно од своите фиктивно-биографски сценарија му го посветува токму на Леонид Шејка. Пајиќ е и приредувач на бројот на списанието „Градац“ (51-2, 1983) на тема двојник.

Димитрие Дурацовски му припаѓа на оној редок вид книжевни трагачи што ја совладуваат, надоградуваат видливата ускратеност, и кои, како што пишува Саво Цветановски во текстот „За теоријата и поетиката на македонскиот постмодернистички расказ“, „ги наоѓа своите книжевни корени во интегралното и фантастичното, во фантазијата што се меша со чудното… во епистоларната проза и фрагментарната функционалност, во синтезата меѓу уметноста и науката, во спојот меѓу реалното и иреалното, во правењето фотографии на сонот“. Раскажувачот Дурацовски е една од помистичните варијанти на борхесовски потомок, но, во склопот на македонската проза, тој, заедно со уште неколку врсници, внесува нов авторски однос кон сопствениот прозен зародиш, што понекогаш изградуван врз друг текст, или друга слика, дослучува нова приказна.