Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола по спроведена претходна постапка поднесе обвинителен предлог против две лица за кривично дело „тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 4 во врска со член 207 став 1 и 3 од Кривичниот законик“.

Како што информира ОЈО, обвинетите, како лекари – специјалисти по гинекологија и акушерство вработени во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола, несовесно постапувале при укажување лекарска помош – породување на пациентка родилка од село Смилево, Општина Демир Хисар, поради што настапила смрт на новороденчето.

– Родилката била примена за породување на 12 октомври 2019 година околу 17 часот во Одделот за гинекологија и акушерство при Клиничка болница Битола, каде дежурни лекари биле обвинетите. Тие не ја следеле и навремено не ги регистрирале промените во здравствената состојба кај родилката. Иако сите промени во здравствената состојба на родилката претставувале апсолутен показател дека здравјето и животот на плодот е во опасност заради недоволен доток на кислород, што, пак, претставува индикација за итен царски рез, обвинетите лекари не ја презеле оваа интервенција благовремено. Поради продолженото породување и доцнењето од најмалку пет часа од појавата на индикациите за итен царски рез, интензитетот на страдањето кај плодот се зголемувал. Интервенцијата кај родилката била извршена околу 6:30 часот на 13 октомври 2019 година, при што се родил плод – женско дете со родилна тежина од 3.550 грама и должина од 48 сантиметри во многу лоша состојба, кое починало за кратко време по породувањето заради кислородното страдање во утробата, соопшти ОЈО.