Средба и неформален разговор со македонските автори што оваа и минатата година го добија регионалното книжевно признание „Штефица Цвек“, Лидија Димковска, Калиа Димитрова и Стефан Алијевиќ, ќе се одржи на 1 ноември (петок), со почеток во 19 часот, во центарот „Комитет“ во Скопје. Ана Аврамовска, писателката што исто така беше меѓу наградените, ќе има видеообраќање. Овој настан е посветен и на сите автори што влегоа во поширокиот круг на признанието и тие, исто така, се поканети да се приклучат во разговорот.
Целта на регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“ е афирмација на бунтовните писателски и читателски практики, односно на феминистичките, квир, деколонијални, марксистички и еколошки ангажирани перспективи. Признанието се доделува трета година по ред, а во изборот влегуваат автори од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Хрватска.
На настанот локалниот организациски тим ќе ги претстави идејата зад наградата и процесот и критериумите за селекција на книгите. Освен дискусија на четирите наградени дела од Македонија, ќе се разговара и за сфаќањето на ангажираната книжевност, релациите на македонската книжевна сцена со регионот, преобмислувањето на книжевните ритуали, процеси, канони итн.
„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска ја доби наградата за маестралното спојување на геополитичките тензии со сложените семејни динамики. „Во хаосот радост“ на Калиа Димитрова е книга што се истакнува поради храбрата духовитост, непретенциозната циничност и умешноста во пронаоѓањето радост во тесногледата култура на доцнокапиталистичкиот и хетеропатријархален хаос. „Вечерен автобус“ на Стефан Алијевиќ е одлична дебитантска збирка раскази што комбинира автофикциски и фиктивен наратив. „Водни тела“ е прв роман на Ана Аврамовска, кој успешно ја обработува темата на актуелната (локална) еколошка катастрофа, тематизирајќи ги проблемите со загадениот воздух и со губењето на значајните природни предели во нејзиното родно Куманово.