Изложбата „Пејзаж на вознемиреност (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени)“, која се однесува на климатските состојби и еколошките предизвици, ќе биде отворена утревечер, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје. Пејзажот на вознемиреност се однесува на промените во животната средина, кои генерираат ургентни состојби преку екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот, девастираната животна средина, неконтролирани траектории на експлоатација на основните ресурси, како водата и воздухот, глобален раст и несакани миграции.
Учесници на изложбата се: Тихомир Топузовски, Ивана Васева, ОПА (Опсесивно посесивна агресија) – Денис Сарагиновски и Слободанка Стевческа, Ивана Мирчевска, Дарко Алексовски, Никола Узуновски, Зорица Зафировска, Кирил Арсовски, Биљана Гаревска и Дарко Базерко. Во рамките на изложбата ќе следува и јавна програма што ја отвора Адам Ночек, професор по филозофија на науката и технологијата од Државниот универзитет во Аризона во САД на 12 март (недела), во 12 часот.
– Делата од оваа изложба се резултат на соработка помеѓу уметници, експерти, активисти, формални и неформални здруженија, институции, овозможувајќи видливост, предлагајќи или поттикнувајќи решенија, или претставуваат форми на активизам што ја инволвираат јавноста околу постојните проблеми и предизвици – велат кураторите Топузовски и Васева.
Изложбата е дел од истоимениот проект што подразбираше шестмесечно истражување и се одвиваше на неколку локации низ земјава како Велес, Битола, Преспа и Скопје во соработка со членови на еколошко друштво од Велес „Вила Зора“, иницијативата „Битола на Точак“, јавната институција Национален парк Галичица и Природонаучниот музеј на Македонија.