Промоција на „Вонбилансната евиденција“ на Вангел Божиноски

Во просториите на универзитетот „Скопје“, утре, во 12 часот, ќе биде претставена новата книга „Вонбилансната евиденција“ на Вангел Божиноски, архитект, сценограф, новинар, историчар и архитектонски критичар и меѓународен туристички водич. Книгата содржи објавувани текстови во периодот 1983-2023 година. Содржините се објавувани како колумни во печатени медиуми, радиозаписи, архитектонски проекти и реализации, археолошки локалитети претставувани на туристички тури и како поетски претстави за настаните што ја бележат македонската реалност. Сите овие текстови се на страниците на книгата што има намера да ја пренесе генезата на македонските состојби видени низ доживеаното во сензориумот на авторот.
– Книгата веројатно можеше да биде именувана како автобиографија. Но тој одбира наслов што е својствен на една дисциплина што сите лесно ја препознаваме затоа што е неизбежна: книговодство. Книгата се вика „Вонбилансната евиденција“! Дали авторот сака да укаже на економски ресурс, кој не е земен предвид при подготвувањето на финансиските планови за економски растеж на државата​? Колку вреди историјата на еден народ – се наведува во најавата.
Промотори на книгата ќе бидат: Наде Јуруковска, универзитетска професорка по историја, и ректорот на универзитетот „Скопје“, Аце Миленковски, географ и предавач. Делови од книгата ќе бидат оживени во изведба на познатиот актер Александар Ѓуровски.