Новата книга за возрасни на Владимир Лукаш, „Гени, мени, сени (Потеклото на бабите)“, ќе биде промовирана денеска, во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“, на улицата Македонија. Промоторка на романот ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.
– „Гени, мени, сени“ можеби не е роман каков што сме научиле да биде, но несомнено е роман каков што бара и раѓа нашето време. Фрагментарноста издигната на ниво на само една димензија од романескниот книжевен холограм, здружена со поетското и ликовното, со факциското и фикциското, ја овозможува жанровската преобразба на кусата проза (на микроплан) во роман (на макроплан). Ова е роман по мера на новиот, љубопитен и отворен читател за флуидноста, и како авторска, но и како рецепциска стратегија, како можен поглед на светот, на зборот, на сликата, на бојата, на емоцијата, на мечтата трансформирана во нужност, на потребата трансформирана во стварност.
Како и секој холограм, и „Гени, мени, сени“, романескниот холограм на Владимир Лукаш, е тродимензионален и во буквална и во метафорична смисла. Во него има едночудо тројства: три поглавја; тријади од проза, поезија и цртежи; од фотографии, сеќавања и мечти; од слушам, гледам и додавам; од помнам, коригирам/конфабулирам и умножувам… – се вели во најавата.
Владимир Лукаш (1978) е музичар, визуелен уметник и писател. „Гени, мени, сени (Потеклото на бабите)“ е негова десетта книга. Претходно ги има објавено: „Мамурлаци“, „Се гледаме наскоро. Е.“, „Дедлајна, љубов моја“ (за возрасни); „Микромонографија на отпадниците од светот на анимираниот филм“ (артбук), „Ши, Ѕифри, Копчи“, „Поклони се и почни“, „Пу за Мите, пу за сите“, „Суштествијада“ (за деца) и „Радишански прелудиуми“ (минијатури за пијано). Има илустрирано повеќе книги, реализирано многу групни и самостојни изложби, автор е и на неколку анимирани филмови.
Промоцијата на книгата е во рамките на „Денови на литературата“ што се одржува во периодот од 6 до 20 февруари.