На 14 февруари, датум што се поврзува со убави нешта, денот на љубовта, денот на виното, ќе се одржи посебен настан, концерт на Националниот џез-оркестар, на кој ќе настапи, според многумина, еден од најдобрите џез-вокали на овие простори и пошироко, Џон Илија Апелгрен. Концертот на кој ќе бидат изведени дел од најпознатите хитови на Френк Синатра, во интерпретација на Апелгрен, ќе се одржи во салата на Националната опера и балет, со почеток од 20 часот.
Френк Синатра се смета за „најголемиот машки поп-пејач во историјата на Америка“, а некои ќе речат и „најголемиот пејач на 20 век“. Неговата харизматична појава се карактеризира со ретка комбинација на исклучителен вокал и способност да се биде шоумен, карактеристики што му обезбедија дури три ѕвезди на Булеварот на славните во Холивуд за неговата работа во филмот и музиката.
На програмата ќе бидат изведени дел од најпознатите хитови на Френк Синатра, адаптирани за изведба со биг-бенд состав. На сцената, Апелгрен ќе биде придружуван од страна на членовите на Националниот џез-оркестар.
Џон Илија Апелгрен е македонски џез-вокалист, именуван како еден од најдобрите вокали на овие простори и пошироко. Често пати споредуван со Нет Кинг Кол, вокалот на Апелгрен нè потсетува на златни денови од ерата на биг-бендовите. Апелгрен зад себе има 39-годишно искуство на македонската музичка сцена, од кои 35 години како џез-изведувач што настапувал со биг-бендот на МРТ, биг-бендот на ЗЏМ и со Македонската филхармонија, како и со голем број помали формациски состави. Во текот на неговата музичка кариера има снимено повеќе од 150 џез-стандарди.