Музејот на модерната уметност во Њујорк (МоМА) ја објави својата престижна програма „Док фортнајт,“ во која еден од само тринаесет селектирани долгометражни филмови е филмот „Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова.
МоМА ја претставува селекцијата како програма од најдобрите филмови реализирани минатата година што ќе бидат прикажани за првпат во Северна Америка, вклучувајќи и филмови што ќе имаат светски премиери. На ова издание на фестивалот, кураторите на филмот вклучуваат автори и авторки што низ своите дела се соочуваат со историите на насилство и империјализам, разоткривајќи го својот одек во сегашноста преку креативна реанимација на историски и заборавени архиви.
„Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова премиерно ќе биде прикажан во МоМА на 25 февруари, а по проекцијата следува и разговор со режисерката. Втора проекција филмот ќе има на 5 март. Ова е прв филм во македонска копродукција што ќе биде прикажан во официјалната селекција за нефикција на Музејот на модерната уметност во Њујорк.
„Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова ги освои „срцето на Сараево“ за човекови права, наградата за најдобра режија на ИДФА во Амстердам, наградата за најхрабар филм на Авторскиот филмски фестивал во Белград, специјалната награда на жирито на Филмскиот фестивал во Торино, како и специјалната награда „Очилата на Ганди“ под покровителство на студискиот центар „Серено Реџис“ на Филмскиот фестивал во Торино.
Дома филмот беше прикажан на специјална проекција во рамките на фестивалот „Прво па женско“.
Во следниот период следуваат премиери на филмот и на најзначајните национални фестивали во Грција, Шпанија, Чешка, Франција, Романија, како и фестивалски проекции надвор од Европа.
„Молкот на разумот“ е поддржан со уметнички грант од страна на БИРН, а е во македонско-босанска копродукција. Гостувањето на Кумјана Новакова во Њујорк е поддржано од Музејот на модерната уметност во Њујорк и од Министерството за култура на Македонија.