Поддршка на отвореното писмо од Здружението на инженери до пратениците во македонското собрание

Во вчерашниот број на „Нова Македонија“ го објавивме апелот од Здружението на инженери на Република Македонија, испратен до секој пратеник во Собранието поединечно, во кој се бара да не им се дава поддршка на неколкуте предлог-закони, кои тие ги оквалификуваат како штетни и дека го нарушуваат енергетскиот суверенитет на Македонија.
Во текот на денешниот ден во редакцијата, како ретко кога се јавија стотина наши читатели, со порака дека го поддржуваат отвореното писмо и обраќањето на Здружението на инженери. Поддршката на неформалната група граѓани претставуваше јасен сигнал дека јавноста околу ова прашање зазема став! Изразувајќи го личното мислење, големата група граѓани апсолутно изразуваа и одредено колективно односно јавно мислење. Редакцијата цени дека граѓаните очигледно праќаат и јасен сигнал дека ова прашање е од висок граѓански интерес, па поради тоа уште еднаш се осврнуваме на ова прашање, а во иднина ќе ги следиме и сите новини во врска со оваа тема.
Како што е веќе познато, законите за стратегиските инвестиции треба да се најдат по скратена постапка пред пратениците на денешната собраниска сесија. Треба да се истакне дека уште пред да започне разгледувањето на законите за стратегиските инвестиции, навистина се крена бура од реакции во јавноста, од кои најголемиот дел беа негативни. Иако Владата инсистира дека станува збор за големи инвестиции, кои треба да ја подобрат енергетската стабилност на земјата, стручната јавност, а пред сѐ инженерите, велат дека им се даваат премногу предности на инвеститорите, а за возврат државата не станува сопственик на централите.
Да потсетиме, во вчерашниот број го објавивме изворниот текст од упатеното писмено обраќање, во кој се апелира на денешната собраниска седница, на која ќе бидат поставени за усвојување четири предлог-закони за реализација на стратегиски инвестициони проекти, да не им даваат поддршка. Притоа, потписниците на писмото наведуваат повеќе клучни забелешки поради кои сметаат дека предлог-законите треба да бидат отфрлени.
Клучната порака од овој апел може да се сублимира со зборовите: Не отуѓувајте ги енергетскиот суверенитет и ресурсите на Македонија! Р.Н.М.