Промоција на најновото печатено издание на Кинотеката на Македонија ќе се одржи денеска, во 12 часот. Станува збор за автобиографијата на големиот шпански режисер Луис Буњуел, насловена „Мојот последен здив“, со што ова значајно дело конечно стана достапно на македонски јазик.
Издавањето на книгата е овозможено благодарение на Шпанската агенција за меѓународна соработка и развој и Амбасадата на Кралството Шпанија во Македонија.
– Станува збор за книга на еден од најзначајните режисери во историјата на филмската уметност, напишана пред самиот крај на неговиот живот, во Мексико, со помош на францускиот писател и сценарист Жан-Клод Кариер, негов постојан соработник, косценарист на сите филмови од последната, „француска“ етапа во кариерата. Автобиографијата, која е поделена на дваесетина хронолошки подредени поглавја одделени со наслови, првпат е објавена на француски јазик во Париз, во 1982 г., нецела година пред смртта на Буњуел… Во неа постојано се испреплетуваат исечоците од животот и сеќавањата на драматичните историски настани со сеќавањата поврзани со творештвото, со филмовите – со еден збор, во неа, разбирливо, постојано се испреплетуваат животот и филмот – пишува Атанас Чупоски во предговорот на изданието.
Книгата ќе ја промовираат историчарот на уметност и заменик-амбасадор во шпанската амбасада во Скопје, Ернесто Eредеро дел Кампо, Иван Џепароски од Филозофскиот факултет при УКИМ и Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката и професор на „Еуропа Прима“, кој наедно е автор на предговорот. Уредник на изданието е директорот на Кинотеката, Владимир Љ. Ангелов, преводот од англиски јазик е на Марија Цветковска, лектурата на Сузана В. Спасовска, а дизајнот на Игор Сековски.