На 12 април во 19 часот, во галеријата при Домот на култура во Кавадарци ќе биде отворена ретроспективната изложба на уметникот Владимир Темков. Од своето прво самостојно претставување во 1983 година во родниот град, Владимир Темков досега создал стотици слики и графики во кои е закотвено неговото препознатливо и автентично творечко јас со мотивски опфат и стил. Тоа е уметност во континуитет на долга низа варијации на првично откриеното извориште и утврден стилски ракопис, настрана од острите тематско-стилски свиоци и експерименти.
– Владимир Темков е во основа лиричар и тој секогаш усвоениот предмет го согледува, доосветлува, нијансира и развива однатре, а не однадвор. Оттука неговиот аскетски тематски репертоар, кој се сведува на мал број инспиративни предмети, како што се птицата, рибата, житните пејзажи, копата сено и уште неколку други, не говори за имагинациската скржавост на уметникот, туку за неговата внатрешна фокусираност и обработка на тој репертоар – пишува Ефтим Клетников во својот текст насловен „Робустен ликовен лиризам“во монографијата посветена на тридеценискиот творечки јубилеј на Владимир Темков, кавадаречкиот уметник и директор на домот на културата „Иван Мазов Климе“.
Книгата се појави во пресрет на неговата ретроспективна изложба пред десет години во Националната галерија на Македонија.
Роден во 1959 година, Владимир Темков завршил Педагошка академија и Факултет за ликовни уметности, отсек графика, а од 2001 година е член на ДЛУМ. Автор е на над 60 самостојни изложби во земјава и во странство, учесник на голем број групни постановки и колонии и од 1996 година организатор на Меѓународната ликовна колонија во Кавадарци. За своето творештво уметникот е добитник на повеќе награди и признанија.
Инаку, во рамките на активностите на домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, на 10 април, во 19 часот, премиерно ќе биде изведена театарско-танцовата претстава за деца и младинци „Синг“, во режија на Микица Илова.