Долгометражниот игран филм „Убиј ги прво децата“ по сценарио и во режија на Димитар Оровчанец е во официјалната програма „Опен еар“ на „Сараевскиот интернационален филмски фестивал“. Станува збор за комична приказна за тинејџерка балерина, нејзиниот лудо вљубен дечко и за неговиот налудничав најдобар другар со украден полициски пиштол, кои се губат во најдлабоките лавиринти на скопското криминално подземје поради мобилен телефон што содржи компромитирачко видео.
Филмскиот фестивал во Сараево е од А-класа и е еден од најголемите и највлијателни фестивали во поширокиот регион. Ова е неговото триесетто излагање. Годинашни лауреати на фестивалот се актерката Мег Рајан; оскаровецот, режисер сценарист и продуцент Александар Пејн и актерот Џон Туртуро.
Програмата „Опен еар“, а наедно и фестивалот ќе ги отвори последниот филм на оскаровецот Данис Тановиќ, „По летото“. Ќе бидат прикажани и последните остварувања на Квентин Дупие, Емануел Коркол, Рајко Грлиќ и други.
„Убиј ги прво децата“ е дебитантски игран филм на Димитар Оровчанец, поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, а во продукција на „Трис филмс“ и „ДМФ филмс“. Продуценти на филмот се Атанас Георгиев и Дејан Илиев. Главните улоги ги толкуваат Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски и Стефан Спасов. Во другите улоги играат Александар Ѓорѓиевски, Стефан Вујисиќ, Марко Трајковиќ, Адријан Азири, Марина Поп Панкова, Лео Поповиќ, Атанас Тановски, Марија Јанчевска, Ненад Нацев, Александар Микиќ и други. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, дизајнер на продукција е Сашо Блажевски, костимите се на Илина Чолак, монтажерка е Софија Самоиловска Јовановиќ, а композитори на музиката се Дарко Спасовски и Игор Василев–Новоградска.
Филмот ќе биде прикажан во амфитеатарот, на 19 август, во 21.45 часот.