Светот е сцена
Аукциската куќа „Кристи“ во мај ќе го понуди на продажба портретот на актерката Мерлин Монро, на американскиот уметник Енди Ворхол, кој се проценува на 200 милиони долари, пренесува АФП.
– Станува збор за делото „Шот сејч блу Мерилин“, кое Енди Ворхол го наслика во 1964 година – соопштија од „Кристи“ и додадоа дека познатата слика ѝ припаѓа на фондацијата на Томас и Дорис Аман од Цирих.
Оваа швајцарска фондација ќе ги искористи средствата за подобрување на животот на децата низ светот преку здравствени и образовни програми.
– Сите приходи одат во добротворни цели – велат од аукциската куќа.
Енди Ворхол (1928-1987) се смета за еден од најважните претставници на поп-артот. Има насликано корици за неколку прехранбени производи, познат е и по портретите на холивудските ѕвезди, а дизајнирал и корици за два албума на бендот „Ролинг стоунс“.