Фото: Кремљ

Европската Унија и Белата куќа размислуваат за воведување санкции за ќерките на рускиот претседател Владимир Путин, пренесуваат светските медиуми.

Според магазинот „Тајм“, предложената листа, која допрва треба да биде одобрена од европските влади, вклучува десетици други поединци, вклучувајќи политички фигури, тајкуни и членови на нивните семејства, како и неколку пропагандисти.

Белата куќа размислува за дополнителни санкции против двете ќерки на рускиот претседател Владимир Путин, како и против најголемата руска банка „Сбербанк“, јави „Волстрит џурнал“.

Санкционирањето на ќерките на Путин, Катерина и Марија, е претежно симболичен потег, бидејќи не се знае дека имаат значителен имот надвор од Русија, но имаат за цел да го привлечат неговото внимание.

Животите на ќерките на Путин се опкружени со тајност, тие имаат различни момински презимиња и Кремљ никогаш не ги потврдил нивните презимиња ниту објавил фотографии од нив како возрасни.

Во 2015 година Путин откри неколку детали за своите ќерки, меѓу кои дека и двете дипломирале на руски универзитети и зборуваат неколку јазици.

Марија Воронцова, неговата постара ќерка, е косопственик на компанијата Номенко, која е поврзана со руски претежно приватни инвестициски проекти во здравството.

Катерина Тиконова раководи со Институтот за вештачка интелигенција на Московскиот државен универзитет.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека не е запознаен со предлогот на ЕУ за санкционирање на ќерките на Путин и рече дека ќе почека тој да биде официјално објавен.

ЕУ планира да цели повеќе од десет луѓе од одбранбениот сектор и четири банки кои се отсечени од глобалниот платен систем Свифт, но не се под целосни санкции.

Предложена е и забрана за увоз на руски јаглен.

Пакетот санкции мора да биде одобрен од сите 27 земји-членки на ЕУ.

Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки веќе изјави дека САД ќе забранат нови инвестиции во Русија и ќе воведат дополнителни санкции за руските финансиски институции.