Во издание на книгоиздателството „Ми-Ан“ излезе новата стихозбирка на Даниела Андоновска-Трајковска, со наслов „Пеш по воздушна линија“. Изданието доаѓа по успехот на нејзината претходна книга „Математичка поезија“, која побуди голем интерес кај љубителите на поезијата и ја доби наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ за најдобра книга поезија. Она што го прави новото дело на Андоновска-Трајковска посебно е нејзината суптилна игра како со зборовите, така и со нивното значење, давањето личен печат и толкувањето на поимите што нè опкружуваат, а со тоа и еден нов пристап и ново читање на темите што неа ја окупираат.
Книгата „Пеш по воздушна линија“ од Даниела Андоновска-Трајковска е компилација од седум циклуси, од кои секој за себе се истакнува со својата посебност, а сите заедно – со својата компактност. Шеесетина поетски творби блескаат како изгравирани уметнички дела изложени во рамките на циклусите „Чекори во стакло“, „Дезинфицирани далечини“, „Прекасан јазик“, „Опстанок“, „Црвена вода“, „Хаику“ и „Минијатури“.
Даниела Андоновска-Трајковска е поетеса, прозаистка, книжевна критичарка, докторка на науки по педагогија во областа на методиките и редовна професорка по методика на Педагошкиот факултет во Битола. Поезијата ѝ е преведена на повеќе светски јазици и е објавена во реномирани книжевни списанија во земјата и странство.