Објавен е новиот научнофантастичен роман на Хари Кацановски, „Анатрос“, кој е дел од едицијата „Во еден здив“, во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“. Големата жанровска рамка на „Анатрос“ е научната фантастика, иако во овој краток роман се преплетуваат повеќе различни пристапи и понирања и во други раскажувачки формати. Психологијата на ликовите, траумите од растењето, релациите со другите… во книжевното писмо на Кацановски се поставени како наджанровска база, како суштина на постоењето сега, порано или подоцна. Компјутерските игри во иднината можеби ќе имаат влез за стварноста во нив, но она што нема да се промени е човековиот стремеж за излез од болката, страдањето и осаменоста, истакна уредничката на романот, Оливера Ќорвезироска.
Идејата за новелата „Анатрос“ се родила пред повеќе години. Приказната почнала во форма на кратки раскази што ги пишувал сам за себе.
– Сакав да создадам свет во кој „обработувам“ разни теми што ме засегаат, но прикажани во уметничка форма, пред сѐ, бидејќи уметноста може да се пробие во нив на начинот што го преферирав. Вториот важен аспект ми беше естетското доживување на светот што го измислив, а сакав да го пренесам, ако тоа воопшто е возможно, бидејќи секој може да го гледа четивото низ сопствените естетски леќи. Насловот „Анатрос“ ми беше интересен, не поради етимолошкото значење или, пак, симболиката на зборот, туку поради звучната естетика. Секако, тој има значење во контекстот на приказната – вели Кацановски.
„Анатрос“ е во рамките на научната фантастика, за која авторот вели дека одамна му е блиска. Во литературата, филмската уметност и другите уметнички форми, таа имала важен удел во развојот на неговиот светоглед.