Еден „мал, земјотресен расказ“ на македонскиот писател доживеа голем број објави низ книжевни портали и списанија во регионот. Краткиот прозен запис насловен „Мајка“ на Томислав Османли деновиве беше објавен на македонскиот портал Окно.мк. Станува збор за расказ напишан во потресната атмосфера по катастрофалниот земјотрес што погоди широк регион и опустоши повеќе градови во Турција и Сирија, со близу четириесет илјади човечки жртви.
Поттикнат од најновата земјотресна трагедија, авторот пишува за едно специфично постземјотресно спасување од под урнатините регистрирано на видео. Видеото не е од најновиот, туку од еден претходен разорен земјотрес, но документаризмот на пристапот, самата тема и заклучните пораки, на овој прозен запис му обезбедуваат поширока актуелност. Така, „малиот земјотресен расказ“, на македонскиот писател доби поширока медиумска препознатливост, со што следуваа и повеќе негови објави. Набрзо по македонската објава, со ангажманот на хрватскиот писател и преведувач Никола Шимиќ Тонин и на Хрватско-македонската тангента и нејзиниот прв човек, нашиот сонародник Сашо Георгиевски, кој живее и работи во Хрватска, следуваа повеќе објави во Хрватска, една е на порталот „Трис“, дел од Здружението за промоција на цивилното општество, медиумска култура и размена на информации од Шибеник, кое го уредува Даворка Блажевиќ, позната хрватска новинарка од редовите на сплитска „Слободна Далмација“.
Расказот на Османли се појави на електронските страници на порталот „Хрватски глас Берлин“, како и на хрватското списание за литература „Квака“ што се публикува во електронско и во печатенo изданија, во кое претходно беше објавен расказот на Османли „Смук“, како и на босанско-херцеговскиот блог „Књижевни кутак“ со седиште во Сараево. Расказот, кој авторот го преведе на грчки и на српски јазик, е објавен на алтернативниот српски портал „Контрапрес“ од Белград каде што нашиот писател веќе објавил три свои бележити прози, додека угледното грчко списание „Енекен“ со кое Османли често соработува, од Солун, што го уредува активистот, писателот и издавач Јоргос Јанопулос, ќе го објави расказот на македонскиот автор во првиот нареден печатен број.